2 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Тато носи, мама меси, детето лежи – зошто младите бегаат од...

Анализа: Тато носи, мама меси, детето лежи – зошто младите бегаат од работата?

Македонија бара чистачи, чувари и продавачи. Ова се убедливо најпопуларните занимања ако се суди според огласите… Голем дел од невработените никогаш не би се нафатиле да работат нешто вакво. Пазарот на труд има сериозни проблеми – поради слабите квалификации на луѓето, но и поради нивниот менталитет.

Нема кој да чисти, да чува, да продава…

Според Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов пазарот на труд има потреба од 1.294 хигиеничари, 671 продавач, 624 обезбедувачи, 511 чувари. Работа има и за 488 келнери, 404, шивачи, 281 таксист, 251 општ работник, 211 касиери. Основите занимања се дефинитивно најбарани.

Гледано по дејности најмногу слободни позиции има во трговијата (2.813), преработувачката индустрија (1.878), административни и услужни дејности (1.308), угостителство (898), транспорт (646).

Во моментов се бараат вкупно 9.242 работници. Најголем дел во Скопје (6.381), потоа во Битола (502), Тетово (490), Виница (324), Прилеп (203)…

„Подобро социјална помош од минимална плата“

Нема веќе „џабе работи, џабе не седи“. Голем дел од Македонците, особено оние со послаби или без квалификации, бараат работа ама не сакаат да ја најдат.

Ова го потврди и Светската Банка во најновата анализа. Нивните економисти предупредуваат дека висината на социјалната помош ги дестимулира невработените.

„Добро е што Владата ги зголеми трансферите до најранливата категорија граѓани, но клучно во реформата е тие да се вклучат на пазарот на труд, а не да останат долго корисници на државни пари… За сегашните корисници на социјална помош да се мотивираат да бараат работа, клучно е и дали државата може да им обезбеди бројни услуги како на пример згрижување на децата и постарите членови на семејството за кои тие имаат одговорност“ наведуваат од Светската Банка.

„Тато носи, мама меси, детето лежи“

Ако ранливите категории се потпираат на социјалната помош, младите остануваат зависни од родителите. Процените на Меѓународната организација на трудот велат дека со 50.1% младинска невработеност, Македонија била на трето место во светот по невработени млади во 2017-та. На листата ја објави Светската Банка со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Проблемот е пред се во менталитетот. По традиција децата кај нас се научени се да добијат на тацна.

„Во развиените земји, особено во Соединетите Држави и Канада, децата уште од мали се учат да го ценат трудот. Од 16 години работат со скратено време во сендвичари, продавници, што било. Така и учат колку е тешко да се заработат пари, така и сфаќаат дека мора да инвестираат во себе и во своето образование. Кај нас е обратно – тато носи, мама меси, детето лежи. Е тоа кај мене го нема“ објаснува Михаил од Скопје кој дома има двајца студенти за кои со гордост кажува дека освен што имаат одличен просек имаат и хонорарни ангажмани – едниот како преведувач, другиот како келнер.

Сепак, ова е редок пример во Македонија. Научени да чекаат на родителите младите се убедени дека е навредливо да се работи за 10 или 12 па дури и 15 илјади денари не сфаќајќи дека од некаде сепак мора да се почне.

29 годишната Татјана Поповска која нема ниту еден ден работен стаж вели дека никогаш не би прифатила работа која не и е по струка или која е за мизерни пари.

„Дипломирав на Економски факултет со просек од над 9 и единствената понуда која ја добив беше да работам на шалтер во Банка за 15 илјади денари. Тоа е премногу голема одговорност и понижување за моите квалификации. Јас завршив банкарски менаџмент а не шалтерско работење“, вели Поповска.

Борис Ѓураковски, пак, е ветеринар. Дипломирал пред 7 години, две години одел на пракса во една од скопските ординации но кога му понудиле да го задржат за 15 илјади денари одбил. Сега и тој седи дома и чека од мама и тато.

„Јас сум доктор по ветеринарна медицина, на Запад би земал илјадници евра плата а овде ми нудат само 250 евра, па толку ќе трошам за храна и превоз да одам до ординацијата во Волково“, вели тој.

Македонија слабо вложува во младите

Македонија слабо вложува во младите, заклучува и Светската банка. Во најновиот индекс на човечкиот капитал земјава е оценета со 53 на скала од 0 до 100. За девојчињата оценката 55 а за момчињата 52.

Ова значи дека дете родено денес кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво.

Индексот на човечкиот капитал на Македонија е понизок отколку просекот на регионот и групата на приходи. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11.2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6.8 години што значи дека има јаз во учењето од 4.4 години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП