28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИФЕНИ - нова шанса за проблематичниот комбинат

ФЕНИ – нова шанса за проблематичниот комбинат

ФЕНИ излегува од стечај со нов сопственик и најава за нови инвестиции. Постапката заврши релативно брзо, за помалку од половина година. Швајцарски ГСОЛ преку компанијата Еуроникел ги презема долговите и стана најголем доверител а сега и сопственик. Сепак, каква иднина го чека ФЕНИ со оглед на тоа што ако се навратиме во минатото излегува дека комбинатот почесто не работел отколку што работел односно постојано се соочува со проблеми.

Заврши стечајот, најавени инвестиции

Доверителите го прифатија планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри. Со него сите побарувања се исплатени во целост, а сите работници останаа на своите позиции.

Комбинатот беше преземен од швајцарски ГСОЛ / Еуроникел кој најавува дополнителни инвестиции – 15 до 20 милиони евра за реконструкција на втората печка што ќе придонесе за зголемување на производните капацитети на 19 до 21 илјада тони никел годишно.

Претходно ГСОЛ вложи 80 милиони евра за да го стабилизира комбинатот односно да ги преземе долговите на компанијата која беше во сериозни финансиски тешкотии.

„Сакам да им се заблагодарам на вработените на ФЕНИ затоа што го поддржуваа ФЕНИ секој ден низ процесот и затоа што работат со нас како инвеститор, како и на целата земјата што нè поддржуваа во намерата да ја спасиме оваа компанија и да создадеме светла иднина за ФЕНИ и за сите нас“, изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

Работниците се задоволни, велат дека извојувале победа.

„Најважно е да се продолжи со работа и тоа под услови не полоши, туку подобри од претходните, што значи договори на неопределено време за постојните вработени и договорени повисоки плати и други примања”, Маре Анчева, Генерален секретар на СИЕР.

Додека траеше стечајната постапка ФЕНИ не запре со производство.  На почетокот само се одржуваа печките а по влегувањето на ГСОЛ кој на почетокот само ги изнајмуваше капацитетите беа произведени и над 2.500 тони фероникел.

ФЕНИ отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања останаа неплатени. Во текот на стечајната постапка, преку оглас за користење на производните капацитети, фабриката повторно започна со работа. Заинтересираните инвеститори имаа можност да ги откупат долговите на ФЕНИ, а тоа го стори швајцарски ГСОЛ кој на таков начин стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по вчерашната одлука на собранието на доверители и идниот сопственик.

Кратка историја на ФЕНИ – повеќе прекини, помалку работа

Ако се погледне историјатот на ФЕНИ излегува дека комбинатот почесто не работел отколку што работел.

Првите испитувања на теренот за присуство на фероникел започнале во 1974-та, 5 години подоцна започнала и изградбата на комбинатот кој бил свечено отворен во 1983-та.

Сепак, само една година подоцна производството целосно запрело и продолжило дури во 1991-та кога била формирана ФЕНИМАК, компанија во државна сопственост со приватни акции.

Во 2000-та почнува потрагата по нов сопственик, а наредната година металуршкиот комбинат е целосно приватизиран по што било рестартирано производството на фероникел во форма на инготи.

Во 2004-та почнува увоз на руда од Азија со што се зголемува капацитетот на производство.

Следната година ФЕНИ Индустри станува дел од Групацијата Кунико која изгради линија за гранулација и започнува со производство на фероникел гранули.

Во октомври лани беше отворена предстечајна а потоа и стечајна постапка поради на барање на најголемите доверители – Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка кои имаа побарувања од над 40 милиони евра.

ФЕНИ поседува две линии со ротациони печки и две правоаголни електро – печки кои се најголеми од тој вид во светот. Има 849 вработени и годишно производството до 20.000 тони годишно.

Основниот производ на ФЕНИ е никел металот во форма на фероникел, што е легура која содржи приближно 20% никел и 80% железо, која се произведува со топење и рафинација на разни никлоносни руди кои содржат од 0.9% до 2.2% никел и од 15% до 40% железо. Бидејќи фероникелот е основна суровина за производство на нер’ѓосувачки челик, се извезува во челичарници ширум светот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП