17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако во хорор филм - старите трговски центри се распаѓаат

Како во хорор филм – старите трговски центри се распаѓаат

„Дуќанот се продава“, „Просторот се издава“, „Преселени на нова адреса“, „Финална распродажба пред затворање“ – вака изгледаат голем дел од излозите во старите трговски центри.

Дел од нив се речиси целосно запустени и наликуваат на сцена од хорор филм особено навечер… Ова особено важи за Олимпико, Алуминка, Скопјанка, Чаирчанка, оној кај трите кули во Карпош 4. Во нив повеќето дуќани се руинирани и празни а едвај функционира по некој колонијал, стоматолог или фризер.

Состојбата е малку подобра во Буњаковец, Бисер, Лептокарија и Беверли Хилс но и овде е далеку од „златното време“ во 90-те кога ваквите трговски центри никнуваа како печурки по дожд.

Според консултантите за недвижности ова е очекувано и е тренд во целиот регион. Очајната состојба во помалите трговски центри е резултат пред се на нивната неорганизираност.

„Новите објекти се градат плански, содржините се распределуваат според атрактивноста. Од друга страна во старите има огромен број сопственици, па тешко е да се организира кој простор за која намена да служи. Владее хаос. Ова резултира со намалена посетеност и пад на приходите. Повеќето немаат обезбедено сопствен паркинг простор што дополнително влијае на намалување на посетеноста“ објаснуваат од една од поголемите агенции за недвижности која истовремено прави и анализа на пазарот.

Од друга страна новите трговски центри со современи стандарди како City Mall, Capitol, Ramstore, Vero работат и повеќе од добро.

„Овие центри се сосема друга приказна – организирани за да понудат се што им треба на потрошувачите на едно место… Дополнително кај нив се застапени и светски брендови што ги нема на друго место“ велат познавачите.

Закупнините на малопродажниот простор во главниот град бележат намалување изминативе неколку години, иако премиум локациите се уште држат цена. Метар квадратен на премиум локација во трговските центри чини  и над 40 евра, во центрите во населбите достигнува 17 евра, додека на главните пешачки зони изнесува 34 евра.

И покрај големиот број на трговски центри во Скопје, консултантите велат дека постојат услови нивниот број и натаму да расте. Во моментов се градат трговскиот центар во склоп на комплексот Џевахир во Аеродром како и Емпорио Мол во Ѓорче Петров, а минатата недела беше најавена изградата и на Скопје Ист Гејт на просторот на Скопскиот саем кој треба да прерасне во најголем мол во Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП