29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтигнаа новите банкноти – и вие ќе може да „перете пари“

Стигнаа новите банкноти – и вие ќе може да „перете пари“

Од денеска и официјално влегуваат во оптек новите, полимерни банкноти кои може да ја преживеат и машината за перење. Но, колку денари постојат и која банкнота е најкористена?

Нови полимерни банкноти од 10 и 50 денари

Од денеска и официјално влегуваат во оптек новите, полимерни банкноти во апоени од 10 и од 50 денари. Старите, хартиени веќе не важат, можат единствено да се заменат во деловните банки во рок една година а потоа замената ќе биде единствено можна во Народната Банка. И натаму ќе се користат монетите односно кованите пари во вредност од 10 и од 50 денари.

„Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал“, соопштуваат од Народната банка.

Овие банкноти кои не се оштетуваат лесно односно имаат многу подолг век на траење.

„Анализите покажуваат дека полимерните пари имаат подолг животен век во однос на хартиените и тоа два и пол до три пати, а според некои истражувања и до четири… Кованите пари со апоенска вредност од десет и педесет денари и понатаму остануваат да циркулираат во оптек“, објаснува Соња Каневче, директор на дирекцијата за трезорско работење на Народната Банка.

Полимерните пари се изработуваат од многу тенка, флексибилна пластична фолија која овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување. Лабараторските тестови покажале дека полимерните банкноти се деформираат и топат на температура од 120 Целзиусови степени, што значи дека без оштетување ќе можат да преживеат во машините за перење.

Дизајнот останува ист

Дизјанот на новите банкноти останува речиси ист, единствено има минимални промени во однос на заштитните симболи кои се вметнати во нив.

Десет денарката и натаму останува со приказ на мермерно торзо на египетската божица Изида од вториот век пред нашата ера кое што е откриено во Охрид на предната страна, а на задната со паун како детаљ од подниот мозаик на крстилницата на Епископската базилика во античкиот град Стоби (4 – 5 век).

Педесет денарката и натаму на предната страна има приказ на монета која што била кована во времето на Јустин II, во VI век. На знадната страна, пак, е претставен Архангел Гаврил, детаљ преземен од олтарната фреска Богородица со Исус Христос на престол, од црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, во Преспа.

Поради постигнување компатибилност за печатарска изведба направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на овие пари. Меѓу другото, наместо водениот печат којшто го содржеа книжните, полимерните пари содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн.

Поконкретно, кај апоенот од 10 денари е претставен стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета. Заштитниот конец кај полимерните пари се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните пари коишто се повлекуваат од оптек, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“. Како заштитни знаци, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, меѓу другото, содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.

На овие пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на апоенот од страна на лицата со оштетен вид.

Пред година и пол беа воведени банкноти од 200 и 2.000 денари

Новите полимерни банкноти се последни во низата промени што ги направи Народната Банка во изминатиов период. Пред нешто повеќе од една година, односно на 15-ти декември 2016-та беа пуштени во промет банкноти од 200 и од 2.000 денари, а беа повлечени оние од 5.000.

Народната Банка тогаш објасни дека овој чекор е преземен по направени сериозни и сеопфатни анализи.

„Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации… Секоја земја треба повремено да изврши ревизија на постоечката апоенска структура, со цел да утврди дали е компатибилна со промените во општеството и трендовите на економскиот развој и економските движења“ објаснуваше тогаш НБРМ.

Дизајнот за банкнотите од 200 и од 2.000 денари беше избран преку јавниот конкурс што го спроведе Народната Банка. Двесте денарката од едната страна има релјеф со виничките теракотни икони, а од другата елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово. Две илјадарката од едната страна има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на другата декорација од внатрешна страна на позлатен сад.

Колку денари постојат, која банкнота е најкористена?

Според последните податоци на НБРМ, заклучно со 31.12.2017 во оптек биле пуштени вкупно 36 милијарди и 208 милиони денари. За една година биле издадени дополнителни 1 милијарда и 783 милиони денари.

Книжните пари учествувале со 96.4% а кованите со 3.6% од вкупната вредност. Заклучно со крајот на минатата година имало 73.6 милиони парчиња книжни пари и 251.6 милиони парчиња ковани пари.

Најголемо учество во вкупната вредност на емитираните книжни пари имаат книжните пари во апоен од 1000 денари (68.1%), 500 денари (13.1%) и 2000 денари (12.8%). Останатите книжни пари учествуваат со 6,0% во вкупната вредност.

Во 2017 година, најголемо учество во вредноста на кованите пари имале апоените од 50 денари (35.9%), 10 денари (33.8%) и 5 денари (13.2%).

Во структурата на издадените пари во оптек според бројот на парчиња најголемо учество имаат книжните пари во апоен од 1000 (32.3%), 10 (26.8%) и 100 (20.2%) денари. Останатите книжни пари учествуваат со 20.7% во вкупната количина на книжните пари во оптек.

Речиси постојано се печатат нови денари

Секоја година милиони оштетени банкноти завршуваат во машините за уништување на НБРМ. Тие се заменуваат со нови, свежо отпечатени.

Досега најчесто страдаа десет денарките и педесет денарките, па затоа беа воведени новите полимерни банкноти а претходно и монетите со иста апоенска вредност.

Граѓаните што имаат оштетени банкноти можат да ги заменат во која било деловна банка, а тие потоа се префрлаат во Народната банка која ги заменува.

Најголем дел од банките наплаќаат провизија за замена на оштетени банкноти. Провизијата се утврдува на самото место и се зависи од процената, односно колку е уништена банкнотата. Најчесто изнесува од 5 до 10% од вредноста на оштетената банкнота што се заменува.

За оштетени пари се сметаат книжните пари на кои преостаната површина изнесува повеќе од 60 отсто и имаат барем една неоштетена (видлива) нумеричка ознака (сериски број на банкнотата).

Од Народната банка не даваат информација колку банкноти годишно од се уништуваат, тој податок бил класифициран и не претставувал информација од јавен карактер.

Јавно објавените информации од пред неколку години укажуваат дека годишно се уништувале и над 20 милиони банкноти, кои биле неупотребливи поради изабеност, излижаност и излитеност. Само во периодот 1996 до 2005 година биле уништени 140 милиони банкноти од македонскиот денар.

Замената на оштетените банкноти е регулирана во Законот за Народната банка.

„Народната банка може да одбие да замени книжни и ковани пари ако нивниот дизајн е оштетен, разобличен или перфориран или ако повеќе од 40 отсто од нивната површина недостасува. Овие книжни и ковани пари се повлекуваат или уништуваат без надоместок за сопственикот, освен ако постои доказ дека деловите што недостасуваат се целосно уништени, па тогаш Народната банка одобрува целосен или делумен надоместок. Народната банка не дава надоместок за книжни или ковани пари што се изгубени, украдени или целосно уништени. А може да конфискува без надоместок книжни или ковани пари чиј надворешен изглед е сменет, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја“, пишува во законот.

И деловните банки „креираат“ пари

Со секој одобрен заем се „креираат“ нови пари. Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.

Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.

Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.

Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.

Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари. Во земјава, според последните податоци на НБРМ, разликата е речиси 12 пати.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП