10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски проблем: многу правници и економисти, малку градежници и инженери

Македонски проблем: многу правници и економисти, малку градежници и инженери

Македонскиот пазар на труд има сериозни дисбаланси – при стапка на невработеност од 21.9% најголем дел од компаниите не можат да најдат соодветен и квалификуван кадар. Образовниот систем произведува премногу правници, економисти, лингвисти а премалку инженери, но и продавачи и занаетчии.

На крајот на 2017-та стапката на невработеност изнесувала 21.9% и за една година се намалила за 1.2 проценти поени, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Гледано по пол, околу 60% од невработените се мажи а 40% се жени.

Најзагрижувачки податок е тоа што повеќе од половина од сите невработени се на возраст од 25 до 49 години, од вкупно 214 илјади 134 илјади спаѓаат во оваа категорија.

Токму ова го нотира и Светската Банка (СБ) во својот последен извештај – Македонија но и целиот регион успеваат да ја намалат невработеноста но таа е екстремно висока кај младите.

„И понатаму забележуваме високи стапки на луѓе кои не се вработени, кои не се вклучени во образованието или во програмите за обука и потребно е да најдеме начини за нивно поврзување кон идните можности“ вели Линда ван Гедер, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Во извештајот се нотира дека во регионот Косово било најуспешно во креирањето нови работни места, лани вработеноста таму се зголемила за 9.2%. Следуваат Србија со 4.3%, Црна Гора со 3.5%, Албанија со 3.4%, Македонија со 2.7% и Босна со само 1.9%.

„Потребно е да се посвети внимание на голем број пречки за вработувањето за да се намали тековната емиграција од регионот, особено кај младите, образовани луѓе“ заклучуваат експертите од Светската Банка.

Во друго, неодамнешно рангирање на Светската Банка Македонија е на трето место во светот по невработени млади со стапка од 50.1%. Ова е пресметано врз основа на процените на Меѓународната организација на трудот за 2017 година.

Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%. Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%). Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.

Од друга страна бизнисмените велат тешко доаѓаат до стручни и квалитетни кадри.

„Јас мислам дека сериозен проблем е и тоа што младите се форсираат да се запишуваат на факултет по секоја цена. Добиваме секоја година илјадници нови правници, економисти, лингвисти а пазарот на труд едноставно не може да ги апсорбира. Тие, пак, имаат превисоки очекувања и не прифаќаат било каква работа. Јас лично не можам да најдам работници за мојата фабрика“ вели Марио Спасев, сопственик на погон за преработка на дрво.

Ова го потврдуваат и податоците од Агенцијата за вработување (АВРМ). На нивниот сајт секој ден во просек има по 7 до 8 илјади активни огласи со слободни работни места. Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото, а најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП