Компанијата за споделено патување „Uber Technologies“ ги објави резултатите за четвртото фискално тримесечје, кои покажуваат дека нејзината загуба скокнала со цели 61% во 2017-та година.
Таа загубила 4,5 милијарди долари во минатата година, откако во 2016-та година загуби 2,8 милијарди долари, покажуваат податоците на „The Information“, потврдени од „CNBC“.
Според „Bloomberg“, компанијата имаше „болна“ 2017-та година, но нејзиниот бизнис расте. И покрај турбулентните 12 месеци, приходите од продажба достигнаа 7,5 милијарди долари.
А сепак во четвртиот квартал, што е првиот целосен пресметковен период под управа на Дара Косровшахи како извршен директор, загубата на „Uber“ се намалила до 1,1 милијарди долари од 1,46 милијарди долари во третото тримесечје.
Приходите во овој период се зголемија за околу 14 отсто на 11,1 милијарди долари од 9 милијарди долари годишно од пред една година.
„Uber“ ја заврши годината со околу 6 милијарди долари во готовина. Тоа е 13% помалку од претходната година, според „Bloomberg“.
„Uber“ не е обврзана да ги објавува финансиските резултати јавно, но во последните месеци почна да открива дел од податоците.
Истовремено „Uber“ е на пат да собере над 14 милијарди долари во рамките на новата рунда на финансирање, а минатиот месец е завршена зделката со „SoftBank Group“, во рамките на која јапонскиот конгломерат, заедно со другите инвеститори, стекнале околу 17,5% удел од компанија.
Минатата недела компанијата соопшти дека ќе плати 245 милиони долари со акции на „Waymo“, единицата за самоуправувачки автомобили на „Alphabet“ за да заврши судскиот спор со него во врска со обвинението за кражба на деловни тајни. Ова ќе му овозможи на главниот извршен директор Дара Косровшахи да остави еден од непријатните прашања во историјата на компанијата во минатото.