25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Соња Шмуц, генерален менаџер на Словенечката стопанска и индустриска комора

Интервју со Соња Шмуц, генерален менаџер на Словенечката стопанска и индустриска комора

“Единствените граници со кои треба да се справиме се оние во нашиот ум!”

Денар:Ве молиме кажете ни нешто за себе и за почетоците на вашата професионална кариера.

Јас сум посветена на бизнисот. Бизнисот е мојата страст, она што ме возвишува. Тој за мене е драма, трилер, романса, документарен филм, херојска или крими-приказна … сè во едно. Ние ги поминуваме нашите најдобри години и најубавиот дел од денот работејќи. Многу е важно што правиме со нашето време и како се чувствуваме додека работиме – ценети или искористени, мотивирани или депресивни, дали сме дел од нешто поголемо или пак нешто неважно.

Во октомври ја презедов функцијата генерален менаџер на Словенечката стопанска и индустриска комора („CCIS“) по изминати 12 години во Здружението на менаџери на Словенија. Пред тоа имав среќа да работам цела деценија во деловното издаваштво како бизнис-новинар и уредник. Следејќи ги моите чекори наназад, сите ме доведоа до тоа каде сум сега.

Дури и пред дипломирањето на Економскиот факултет во Љубљана, објавував статии за познати бизнис весници и телевизиски куќи. Научив колку е важно да се слушнат различните страни за да може да се формира избалансирано мислење. Научив како најдобро да го претставам моето мислење за да има најголем ефект врз јавноста, а минав и низ сопствени лекции за личната одговорност што доаѓа со тоа. Тоа сè уште се принципи кои ми се многу драги.

Бев многу привилегирана што својот професионален пат го пронајдов толку рано. Аристотел еднаш рекол дека вистинската кариера лежи онаму каде што вашите талентите се „среќаваат“ со потребите на светот. Луѓето кои ќе ја пронајдат оваа комбинација се навистина среќни. Сакам кога можам да им помогнам на младите и на сите останати да го пронајдат она што сакаат да го работат.

Денар:Вие сте генерална директорка на Стопанската комора на Словенија. Кои се вашите активности и стратегии за придонес кон угледот и развојот на оваа институција?

Квалитетот на живот во секоја земја главно зависи од состојбата на економијата. Со оглед на тоа, главната цел на „CCIS“ како дом на словенечката економија e да придонесе за подобар живот на што е можно повеќе луѓе преку деловниот раст. Во наредниот период наша цел е да се согласиме и да потпишеме пакт со сите засегнати страни (бизнис, синдикати и Влада) со една заедничка цел – да ја зголемиме вредноста по вработен од 30 до 45 проценти до 2025-та година. Постигнување на оваа амбициозна цел би значело дека нашиот извоз би пораснал од 34 милијарди евра на 60 милијарди евра, а нашата додадена вредност од 42.000 на над 60.000 евра по вработен. Броевите понекогаш изгледаат здодевно, но овие будат возбуда: даваат ветувања за многу повисоки плати, повеќе инвестиции за истражување и развој, подобра „ROE“ за акционерите, повеќе работни места и повеќе пари во државниот буџет.

Само со заедничко дејство можеме да постигнеме таков раст, бидејќи многу работи мора да се случат во вистинско време и место. На пример, проблемите со намалениот пазар на труд и нагласениот државен буџет ќе треба да се решат преку зголемување на нивото на активни работници на возраст од 55+ години и побрзо вклучување на младите во редовен работeн однос. Оваа и многу други слични теми ќе бидат во фокусот на нашиот 12-ти Словенечки бизнис самит кој ќе се одржи на 22-ри ноември 2017 година, каде што ќе работиме на Развојното партнерство за три генерации до 2025-та година – млади, активни и постари.

Сигурна сум дека нашата репутација и влијание ќе се подобри со покооперативен однос на сите чинители во потрага по заедничка основа за постигнување промена. Ќе дадам пример: Минатиот петок со најголемиот словенечки синдикат – Здружението на слободни синдикати на Словенија, одржавме заедничка прес-конференција за можностите за ослободување од бонусот за одмор и за деловно работење. Комората и синдикатот заеднички соработуваа за првпат по години. Како што сум нагласила многу пати: Понекогаш ќе успееме да бидеме на иста страна со различни засегнати страни, понекогаш не. Но, конструктивниот дијалог е секако неопходен. Со синдикатите можеби сме на различни брегови, но сигурно гледаме и се грижиме за истата река. Постои само една река и сите сме подеднакво одговорни за нејзинито течение.

Истото се однесува и на дијалогот со Владата за даночниот систем, пазарот на труд, здравствените реформи и просторното законодавство. Сè додека сме свесни дека најдобрите резултати доаѓаат кога тоа течение е слободно – ЕУ е основана врз четири вредности на слобода: слободен проток на луѓе, капитал, стоки и услуги – сите ние можеме да ја зголемиме вредноста на луѓето од Словенија, во регионот и ЕУ.

Денар:Дали гледате добар менаџерски потенцијал во Македонија?

Во рамките на иницијативата Самит100, која опфаќа средби со бизнис-лидери од Југоисточна Европа, се запознав со многу одлични македонски менаџери. Она што ме изненади е што нема многу македонски компании со свои производствени единици во странство односно постојат само четири такви компании. Од друга страна, пред две години бев импресионирана кога на Самитот на Македонија2025 видов колку е активна соработката меѓу американските и канадски фирми, кои работат со млади македонски ИТ компании како нивни софтверски партнери. Претпоставувам дека има многу потенцијал за меѓународно деловно партнерство, а работа на менаџерите е тие да се создадат.

Сепак, бизнис арената секогаш кореспондира со севкупната јавна и политичка ситуација. Иако јавното мислење може да биде од клучно значење за темпото на политичка стабилизација и неподдржувањето на меѓународното опкружување, неодамнешните политички промени предлагаат нови решенија кои би можеле да го забрзаат процесот за Македонија. Дозволете ми да ве потсетам дека Македонија е рангирана во 10-те најдобри земји за водење бизнис, проценето од страна на Светската банка. Ова е достигнување кое далеку ја надминува секоја друга економија на ЈИЕ, вклучувајќи ја и Словенија. Тоа привлекува странско внимание, инвестиции и истовремено им овозможува на македонските бизниси да се натпреваруваат во еднакви услови на меѓународно ниво. Ве охрабрувам да ја “продолжите добрата работа” и да обрнете внимание на спроведувањето на постигнатите стандарди, додека постојано одново и одново ги создавате.

Денар:Кои се вашите погледи за регионалната економија, напредокот и просперитетот на земјите во наредните години? Како нашиот регион ќе се натпреварува со остатокот од светот?

Економските прогнози се доволно поволни за целиот регион. Барем до 2019-та година. Добро стоиме кога е во прашање економскиот раст. Некои би рекле дека тоа е глобално циклично движење, но ние не сме само негови следбеници. Ова е можност за одржување на темпото. Основните карактеристики на економиите сега треба да се зајакнат, овозможувајќи ни да се осврнеме на предизвиците поврзани со новите технологии, новите материјали, интернетот, мобилноста, природните науки, па дури и сè поактуелната “економија на споделување”, сите поврзани со целокупната дигитализација. Да не го споменуваме развојот на новиот “демократски алгоритам”, последица од технологијата на криптографски синџир од блокови, која радикално ќе го промени нашето разбирање и принципите на економијата. За да се справиме со тоа, постојаната иновација е неопходна. Се надевам дека државните граници нема да имаат никаква врска со новата ера. Единствените граници со кои треба да се справиме се оние во нашиот ум.

Денар:Каков совет ќе им дадете на македонските претприемачи?

Работете на меѓународно ниво, обучувајте ги помладите, дадете им можност да патуваат во странство и да бидат креативни. И никогаш не двоумете се зашто воопшто сте станале претприемач. Најуспешни се луѓето кои се водат од личната мисија да извршат влијание.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП