22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто треба порано да почнете со финансиско планирање на иднината?

Зошто треба порано да почнете со финансиско планирање на иднината?

Многу луѓе сметаат дека финансиското планирање е нешто што треба да го почнат кога ќе се приближат до пензионирање. Финансиските аналитичари во овој случај се едногласни – тоа е погрешен став. Колку помлади почнете финансиски да ја планирате вашата иднина, толку се поголеми вашите шанси таа да биде успешна.

Кога всушност треба да почнете со финансиско планирање? Според финансиските консултанти, тоа може да почне во кој било период од животот, како на пример по дипломирањето, при купувањето сопствен дом, ново работно место, склучување брак, добивање дете… Сепак, најдобро е со ваквото планирање да почнете што порано бидејќи така имате бројни долгорочни предности. Еве некои од нив:

1. Ќе издвојувате помала сума за штедење

Кога порано ќе почнете со штедење, нема да треба да издвојувате голема сума за заштедата бидејќи поради приносот и оплодувањето на средствата ќе заштедите повеќе на долг рок.

2. Почнувајќи порано, полесно ќе ги исправите грешките

Без сеопфатно разбирање на финансиските потреби и способности, може да направите грешки кои ќе имаат долгорочни последици. Ако почнете порано со планирање и штедење, особено со помош и консултација на стручни лица, во голема мера ќе го намалите ризикот од штети предизвикани од лоши финансиски одлуки.

3. Раното штедење отвора многу врати

Раното финансиско планирање не само што го намалува притисокот поврзан со пензиската иднина, туку обезбедува и сигурност ако сакате промена во кариерата, да почнете сопствен бизнис или да реализирате било какви други идни планови.

4. Ќе ги избегнете непотребните долгови

За жал, многу луѓе не се свесни за сопствените финансиски можности и трошат многу повеќе отколку што можат да си дозволат. Оваа практика на високи потрошувачки долгови многу често завршува со заробеништво во долг циклус, каде долгот станува норма. Без конкретен финансиски план, многу е тешко да се ослободите од овој долг.

5. Ќе бидете одличен пример за вашите деца

Однесувањето на децата најмногу зависи од тоа што ќе го научат од родителите. Ако родителите се загрижени, вознемирени или неорганизирани кога станува збор за финансиите, постои голема шанса и децата да се такви. Ако имате конкретен финансиски план и ги учите и вашите деца да штедат и да ги трошат своите пари паметно, тие имаат многу поголема шанса да израснат во финансиски одговорни личности.

6. Ќе уживате во слободното време

Во денешно време да се има доволно слободно време е неверојатна привилегија. Зошто тогаш би сакале да го потрошите целото во планирање на вашата финансиска иднина? Ако рано го почнете овој процес,  ќе имате поголема можност да уживате во слободното време со семејството и пријателите, во вашата кариера, на одмор или со било што друго во кое уживате, наместо да прелистувате статии, статистика, блогови, калкулатори на заштеди, буџетирање класи и сл.

Во Македонија една од можностите за рано планирање на финансиската иднина е штедењето во третиот пензиски столб, кој е доброволен и во кој членовите самите одредуваат кога и колку средства ќе уплаќаат. Со средствата од вториот и третиот столб управуваат двете приватни пензиски друштва НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје. Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk. (тел. 02 3224 229).

Средствата од вториот и третиот столб се оплодуваат со тек на време преку инвестирање. Тие се инвестираат според многу строги правила утврдени со закон и инвестициони стратегии, со цел да се остварува оптимален принос, кој пропорционално се распределува на сметките на сите членови и пензионирани членови. Средствата се инвестираат со јасно дефинирани максимални лимити за вложување во: државни хартии од вредност, банкарски депозити, акции на најреномирани домашни и странски акционерски компании, инвестициски фондови и слично.

Повеќе информации за третиот пензиски столб може да најдете на страницата www.penzija.mk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП