13 мај, 2025
ПочетнаКУЛТУРАЗаврши дванаесеттата меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“

Заврши дванаесеттата меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“

Синоќа свечено беше затворена дванаесеттата меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“, која се одржуваше од 21 до 30 август во хотелот „Солун“, во организација на Музејот на град Скопје и хотел „Солун“, а под покровителство на Град Скопје.

Колонијата традиционално беше затворена со презентација за пошироката јавност на делата на уметниците изработени за време на престојот во Скопје, како и со свечен коктел на кој присуствуваа сите учесници на годинашнава ликовна колонија.

– Изминативе години имавме можност и чест да бидеме домаќини и да се дружиме со над 120 уметници од земјава и странство, а сведоштво за тоа се делата со импресии од Скопје што ни ги оставија. Задоволство ми е што уметниците и гостите на колонијата и оваа година имаа можност да работат и да го воспримат градот, како и да ја доживеат неговата визура од самиот негов центар. Нашите гости, кои ни се придружија на колонијата, ни доаѓаат од збратимениот град Нирнберг од Германија, градот Ниш од Србија, градот Сакарија од Турција, градот Александрија од Египет и градот Аман од Јордан. Гостите од странство со уметниците од Македонија поминаа 10 дена дружејќи се и сликајќи ги делата што вечерва имаме можност да ги видиме. Ние од Градот Скопје, како покровители и Музејот на град Скопје, како организатор на уметниците им се заблагодаруваме за учество и за делата што ни ги оставија во трајно наследство, а вам почитувани гости и уметници од странство, ви посакувам враќањето во вашите земји да биде придружено со спомени што ќе ве натераат еден ден повторно да се вратите во Скопје – истакна вчера градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.

В.д. директорот на Музејот на град Скопје, Томислав Микулчиќ, им се заблагодари на уметниците за нивното учество во оваа колонија, како и на вработените во Градот Скопје, Музејот на град Скопје и хотелот „Солун“ за нивниот ангажман и за организацијата на оваа манифестација.

Оваа година на своите ликовни дела потпис ставија десет академски ликовни уметници, припадници на повеќе генерации и творечки определби, кои живеат и создаваат во разни средини – Лиза Волфел од Германија, Хилал Балчи од Турција, Камал Абухалавех од Јордан, Мирослав Живковиќ од Србија и Адел Мустафа Елсеиди од Египет, како и Мирослава Микица Трујкановиќ, Христина Зафировска, Марија Марковска, Бурим Укиќ и Часлав Марковиќ од Македонија.

Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2017“ традиционално се одржува под покровителство на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП