7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРААвстриска колекција „Мејл арт“ во Музеј на град Скопје

Австриска колекција „Мејл арт“ во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје, утре (четврток, 6 јули), во 20 часот ќе биде отворена изложбата на колекцијата „Мејл арт“ во организација на „Добродојде – Macedonia Welcome Center“ и Асоцијација за култура ИКОН.

Изложбата во рамките на Скопско лето ќе ја отвори НЕ. Маг. Ренате Коблер, амбасадор на Република Австрија, а ќе се обрати и ликовниот уметник од Бернхард Холеман од Австрија.

Мејл-артот, наречен уште како мрежна уметност или уметност на кореспонденција, е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на дваесетиот век. Првите почетоци на мејл-артот се во 60-тите години на 20 век како своевиден медиум за директна размена на уметност, на идеи и информации помеѓу уметници од повеќе држави, без да се користат воспоставените канали на пазарите со уметнички дела. Тој претставува нов начин на меѓусебно поврзување и создавање сопствена култура, со минимизирање на материјалните замки на пазарната економија бидејќи овие специфични уметнички минијатури се дадени во размена /или се меѓусебно разменети/ и тие не се интересни за официјалниот уметнички пазар.

Мејл-артот произведува креативни дела надвор од материјалистичкиот уметнички маркетинг. Тој ги претвора поштенските сандачиња во музеи без ѕидови. Тој е од лична природа и е најдемократска форма на ликовната уметност. Сите се добродојдени во мејл-артот и сите се подеднакво важни, при што се почитуваат сечии идеи. Тој е највитален во меѓународната размена на изложбите на кои се претставени сите учесници оти нема жири со задача да ги селектира уметничките дела.

Идејата на мејл-артот е хумана и космополитска, да се биде дел од една поширока глобална заедница која ги споделува вредностите на уметноста и културата. Кругот на уметничко пријателство е отворен преку формата на таа комуникација – во овој проект тоа е празната поштенска картичка, чијашто бела бездна уметникот треба да ја исполни со уметничка, а со тоа, се разбира, и со етичка содржина и порака.

Овој проект на ИКОН се базира на идејата мејл-артот да биде секогаш отворен круг на планетарно братство на уметници без граници, преку кој ќе се шири личниот уметнички знак .

Овој пат уметничкиот и пријателски факел го преземаат уметниците кои доаѓаат од Австрија, земја од која имаме и најголем број картички (од збирката која брои над 700 примероци од уметници од повеќе земји) благодарение на големиот уметник и пријател господинот Бернхард Холеман.

Со изложбата во Музејот на град Скопје се вклучуваме во одбележувањето на 300-годишнината од раѓањето на царицата Марија Терезија (1717 – 2017), мајка на шеснаесет деца, но и воен стратег и реформатор во областа на финансиите, образованието, трговијата и земјоделството.

И со овој проект кругот на космополитското уметничко и пријателско братство останува приемчив за нови учесници, посебно во овој момент кога отуѓениот човек на постмодерното време повторно почнува да копнее за планетарно проткајување на човечките души.

Уметници кои учествуваат во овој проект се Александра Ротар, Бернхард Х. Кратциг, Бернхард Холеман, Ц.Б. Шнајдер, Кристоф Рафетседер, Клаудија Хајден, Егмонт Маер, Елизабет Шафцал, Елке Шмелцер, Ермуте Шерцер Клингер, Ерих Штајнингер, Ернст Кретлингер, Ернст Скричка, Естер Штраус, Ева Бош, Гасер Мариа, Герхард Гутруф, Георг Лебцелтер, Геролд Лајтнер, Гетруд Бисовски, Гунила Дрофеник, Гунтер Виланд, Хана Талбург, Хајди Хајндл, Хајнрих Хоер, Херберт Фридл, Илинг Лола, Ингрид Мелхер, Јохан Јаша, Јозеф Копанди, Југрид Мосбауер Хуемер, Лемп Алфред, Марлене Кепфле, Мартин Анибус, Мартина Браун, Максимилиан Јлинг, Меланиа Вурт, Мишковски М. Луиса, Нина Марон, Освалд Мидл, Петер Асман, Рајнер Волф, Ренате Хинтеркернен, Сара – Марија Купфнер, Томас Штајнер, Тони Курц, Уши Хубер, Ванда Херод како и на уметниците гости од Јапонија Акико Окуда, Атсуши Ишиба, Ајано Танака, Чигуша Фукојама, Ери Ивасаки, Хисаи Тсумура, Момоко Осакада , Натсуми Сакамото, Рие Јамамото, Рихо Хашимото, Саки Морито, Саори Вејама, Таками Нишикан, Јоко Адаши, Јука Окамото, Јуки Јасутаке и Јури Јошими.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП