Тимот кој го оствари најдобриот резултат во регуларниот дел од сезоната, во НБА лигата, Голден Стејт Вориорс, со максимални 4-0 ја реши четвртфиналната серија на Западот против Портланд. На Истокот, Торонто, го доби петтиот меч и води во серијата против Милвоки со 3-2, додека Атланта по двете средби на домашен терен израмни во серијата против Вашингтон на 2-2.
Голден Стејт, вицепрвакот во НБА лигата, победи и во вториот меч во Орегон и со максимални 4-0 ја завршија серијата со Портланд. Вориорс во четвртиот меч победија со 128:103.
Вориорс одиграа неверојатна прва четвртина во која постигнаа 45 поени (45:22). Најдобар во редовите на ГС беше Стеф Кари со 37 поени (7/11 за три), осум асистенции и седум скокови. Кај Портланд се истакна Демијен Лилард со 34 поени.
Голден Стејт во полуфиналето на Западот ќе игра против победникот од серијата помеѓу Јута и ЛА Клиперс, каде резултатот во победи е 2-2.
Атланта славеше во четвртиот меч против Вашингтон 111:101 за 2-2, пред серијата да се пресели во главниот град на САД.
Атланта со своето најсилно оружје, тимската игра, успеа да забележи победa. Седуммина играчи на тимот од Џорџија постигнаа двоцифрен број на поени. Пол Милсап оствари 19 поени, девет скокови и седум асистенции, а Двајт Хауард заврши со 16 поени и 15 скокови.
Вашингтон вообичаено го предводеа бековите: Бредли бил постигна 32, а Џон Вол 22 поени.
Торонто, кој во серијата со Милвоки ја има предноста на домашниот терен, стигна до првото водство во серијата. Репторс, во петтиот меч, победија 118:93.
Белескаше во тимот на Торонто Норман Пауел со 25 поени (4/4 за три), а Демар Дерозан постигна 18 кошеви. Милвоки го предводеше Јанис Адетокумбо со 30 поени и девет скокови.