22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ: намалени проекции, загрижувачки долг

ММФ: намалени проекции, загрижувачки долг

Намалени проекциите за раст на македонската економија. Според најновите анализи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), македонскиот БДП ќе се зголеми за 3.2% во 2017-та, 3.4% во 2018-та и 3.8% во 2019-та. Во претходната есенска проекција се предвидуваше раст од 3.5%.

Во регионот ММФ предвидува најголем раст за Албанија (3.7%), како и за Косово (3.5%). Следат Црна Гора (3.3%), Србија (3%), Бугарија (2.9%), Хрватска (2.9%), Словенија (2.5%), Грција (2.2%).

На глобално ниво проекцијата за раст е 3.5% оваа и 3.6% следната година.

„Нашата нова проекција во април е повисока од онаа што ја очекувавме во претходниот извештај. Подобрувањето произлегува од добрите економски вести од Европа и Азија, како и нашите очекувања за поголем раст во САД оваа година“ се наведува во најновиот извештај на ММФ.

Инаку ММФ лани, по 21 година го повлече својот овластен претставник во земјава, но канцеларијата во Скопје и натаму функционира.

„Минатата година одлучивме да го прекинеме мандатот на овластениот претставник во Македонија, но тоа не значи дека ‘се откажуваме’ од земјата. Токму спротивното, ММФ е активен во Македонија и одблизу ја следи ситуацијата“ вели во интервју за БИРН Џесмин Раман, шефица на канцеларијата во Скопје.

Неизвесноста во Македонија трае повеќе од две години што влијае на довербата, на растот, но и на економските политики, вели таа.

„Македонија работеше многу напорно да се претстави како земја примамлива за инвеститорите. Ова придонесе за значителен прилив на странски директни инвестиции и на поттикнување на извозот. Но, инвеститорите не сакаат непредвидливост и политичка нестабилност. Постои ризик да се намали нивниот интерес ако продолжи неизвесноста“ вели Раман.

ММФ изразува загриженост за растот на јавниот долг кој се движи околу 50% од БДП што според нив претставува црвена линија која не треба да се минува.

„Јавниот долг како процент од БДП порасна од 23% пред финансиската криза на околу 46% во 2016-та. Ова претставува удвојување на долгот за 8 години. Најголемиот дел се должи на тековни а не на капитални расходи кои го зголемуваат потенцијалот за раст на стопанството. Нашата грижа е поради брзиот раст и начинот на кој се користат парите“ вели Раман.

Од 1995 година до сега, Македонија имала 7 аранжмани со ММФ, пред две години беше отплатен последниот кредит кон меѓународната институција.

И Светската Банка во извештајот објавен пред неполн месец ја намали проекцијата за раст на македонската економија – предвидува зголемување од 2.8% оваа и 3.3% следната година што е најмало во регионот.

„Растот значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, а главен двигател на растот беше финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор“ се наведува во најновиот извештај „Побрз раст, повеќе работни места“ кој се однесува на Западен Балкан.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП