Прелиминарните нарачки на новиот предводник на „Samsung Electronics“ – „Galaxy S8“, ги надмина оние на претходниот уред „S7“, најави директорот на мобилниот бизнис на компанијата Кох Донг-Џин, цитиран од агенциите.
Ова укажува на тоа дека многу од корисниците заборавија што се случило со уредите „Galaxy Note 7“ од минатата година кои се самозапалуваа поради проблеми со батеријата.
Продажбата на „S8“ во Јужна Кореја, САД и Канада почнува на 21-ви април. Овој модел е централен дел од стратегијата на јужнокорејската компанија на патот кон закрепнување по кризата со „Note 7“.
Новиот уред се прифати добро и од некои инвеститори и аналитичари кои изјавија дека може да постигне рекорд за продажба во првата година.
Очекувањата се „S8“ да биде најбезбедниот смартфон од серијата „Galaxy“ до моментов, благодарение на мерките за безбедност, кои се вградени во него, со цел да се избегнат проблеми со батериите, какви што имаше кај „Note 7“.
Аналитичарите предвидуваат дека „Samsung“ ќе ја објави нејзината најдобра добивка за кварталот од април до јуни, потпомогнат од силната продажба на „S8“ и на растечкиот пазар на чипови, кој се очекува да доведе до рекордни приходи за индустријата во оваа година.