20 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Тони Трајанов, Главен извршен директор на Македонско кредитно биро

Интервју со Тони Трајанов, Главен извршен директор на Македонско кредитно биро

Денар: Кога е формирано Македонско кредитно биро и која е неговата функција?

-Македонско кредитно биро (МКБ) е акционерско друштво основано на 24.12.2008 година од страна на Kлириншката куќа КИБС АД Скопје, на иницијатива на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија. Своето работење го уредува во согласност со Законот за кредитно биро.

Една година по основањето, од јануари 2010 година започна со оперативно работење и собирање податоци од членките, а година подоцна започна со издавање извештаи за правни и физички лица.

Основна функција на кредитното биро е да врши собирање и обработување на податоци за обврските на субјектите на податоци со цел да обезбеди извештаи за задолженоста и редовноста во исполнувањето на обврските на правните и физичките лица.

МКБ е приватна институција и се финансира од сопствени извори на средства. За користење на услугите наплатува надоместок согласно Тарифа на надоместоци.

Денар: Каков тип на податоци содржи базата на податоци на кредитното биро?

-МКБ управува со најголемата и најкомплексна база на податоци за обврските на правните и физичките лица во Република Македонија. Содржи податоци за околу 1.350.000 физички лица и 105.000 правни лица.

Податоците се однесуваат на обврски по кредити, гаранции, акредитиви, заеми, платежни картички, финансиски лизинг, осигурување, обврски по основ на даноци, обврски за телекомуникациски услуги, обврски за услуги од областа на енергетиката, комунални давачки, такси, придонеси, како и обврски по основ на користење на други услуги.

Во кредитното биро податоци доставуваат Давателите на податоци – членки на МКБ, кои можат да бидат банки, штедилници, осигурителни друштва, друштва за финансиски лизинг, други даватели на кредити, финансиски друштва, друштва за работа со платежни картички, Управата за јавни приходи, Централниот регистар на Република Македонија, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија,  градот Скопје и единиците на локалната самоуправа, даватели на услуги од областа на комуналните дејности, енергетиката, телекомуникациите, други правни лица кои даваат услуги по основ на кои настануваат обврски за правните и физичките лица, како и физички лица кои не се сметаат за трговци согласно Законот за трговски друштва.

Од основањето до денес, МКБ во континуитет го зголемуваше бројот на членки и корисници на неговите услуги и во овој момент брои 160 членки од различни економски сектори.

Денар: Кој може да ги користи услугите на кредитното биро?

-Имаме два типа на корисници на услугите на МКБ.

Од една страна корисници можат да бидат давателите на податоци, кои имаат склучено Договор за соработка со кредитното биро (Членки на МКБ) и од друга страна сите правни и физички лица на кои се однесуваат податоците кои се обработуваат, за проверка на сопствената задолженост.

На корисниците, податоците им се ставаат на располагање во форма на извештаи кои содржат податоци за обврските на правните и физичките лица.

Би сакал да напоменам дека за користење податоци за физичко лице потребно е членката да добие писмена согласност од лицето.

Користењето на извештаите се врши со целосно автоматизиран процес преку интернет со користење на веб сервис или веб апликација, при што корисниците добиваат извештај веднаш по поднесување на барањето.

За корисниците кои имаат потреба од користење на мал број на извештаи во текот на годината МКБ разви посебна интернет платформа за размена на податоци „МКБ Импулс“ преку која можат да користат извештаи и да доставуваат податоци, односно да ги пријавуваат своите ненаплатени побарувања постари од 60 дена.

Денар: На кој начин субјектите на податоци можат да ја проверат својата задолженост?

-Субјектите на податоци (правни и физички лица) во кредитното биро може да ја проверат својата задолженост и редовноста во исполнување на обврските преку Сопствен извештај, кој содржи потполни податоци кои се однесуваат на видот и износот на обврските, редовноста во нивното исполнување, идентитетот на Давателите на податоци и идентитетот на Корисниците на податоци кои побарале извештај од МКБ во изминатата година за тој субјект на податоци.

Сопствениот извештај може да се добие во канцелариите на кредитното биро на адреса бул. Кузман Јосифовски Питу бр.1 (Комплекс банки) на V кат и онлајн со регистрација на интернет порталот МОЈ.МКБ

Како новина, од минатата година е воведена можноста субјектите на податоци да се претплатат на Алармен систем за известување на субјекти (АСИС), кој им овозможува да примаат e-mail пораки за состојбата и промените во податоците кои се водат за нив во кредитното биро, а се однесуваат на нивните кредитни обврски, жирантства, трансакциски сметки, платежни картички, обврски кон комунални претпријатија, телекомуникациски оператори, даноци и други обврски. МКБ испраќа пораки за промените настанати во податоците на e-mail адресата на корисникот на услугата наведена во барањето за користење на услугата, односно на e-mail адресата внесена при регистрација.

Оваа услуга е достапна онлајн со регистрација на интернет порталот МОЈ.МКБ.

Денар: Кои се придобивките од МКБ?

-Најпрвин би почнал со објаснување на придобивките за финансискиот сектор, банките пред се, како најголем корисник, со учество од околу 70% во вкупниот број издадени извештаи.

МКБ им овозможува на банките и другите кредитори поголем увид во кредитната способност на клиентите, што допринесува за зголемување на обемот на дадени кредити на потрошувачите, скратување на времето неопходно за процесирање на кредитните апликации и намалување на трошоците.

На компаниите, МКБ им овозможува достапност до информации за да може да извршат претходна проверка на задолженоста и редовноста во исполнувањето на обврските на нивните сегашни и идни деловни партнери, што ќе им помогне да најдат сигурен деловен партнер и да го намалат ризикот од работењето. Компаниите можат своите клучни деловни одлуки да ги темелат на релевантни и сигурни податоци.

На граѓаните, МКБ може да им помогне да ја унапредат личната евиденција и да спречат евентуално презадолжување од тие причини. Чести се случаите кога граѓаните не ги измируваат редовно своите обврски затоа што немаат добра евиденција, особено ако користат повеќе кредити, кредитни картички и слично. Со увид во Сопствениот извештај, ќе може точно да ја евидентираат својата моментална задолженост и да одредат кога достасуваат нивните обврски. Тоа ќе им помогне да ги проценат своите финансиски можности за нови задолжувања и да донесат правилни одлуки кои ќе влијаат на нивната финансиска состојба.

Денар: Од неодамна кредитното биро започна со издавање на меѓународни извештаи. Каков е бенефитот на извозно ориентираните компании од оваа услуга?

-Врз основа на создадената законска можност кон крајот на 2014 година МКБ да може да врши размена на податоци со странски кредитни бироа, во 2015 година се презедоа активности за отпочнување со реализација на овој долгорочен проект. MKБ се јавува и како промотор и поттикнувач на иницијативата за меѓугранична размена на податоци со кредитните бироа, особено со оние од соседните држави, кои, како и МКБ, досега не извршувале ваква активност.

За отпочнување со реализација на овој проект, МКБ покрена иницијатива за размена на податоци со кредитните бироа од Турција, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, кои ја прифатија иницијативата.

Во 2016 година започна реализацијата на проектот со потпишување на договор со Италијанското кредитно биро CRIF S.P.A. преку кое МКБ има пристап до Меѓународни извештаи со бонитетни информации за повеќе од 200 милиони компании од над 230 земји од целиот свет.

Извештаите се наменети за сите македонски компании кои се вклучени во меѓународни односи со партнери, клиенти и добавувачи од целиот свет.

Меѓународните извештаи нудат можност да се намали ризикот во соработката со сегашните и идните деловни партнери, овозможувајќи брз и ефикасен увид во деловната и финансиската способност на определена компанија и го олеснува процесот на одлучување за продолжување на соработката, односно започнување на нова соработка.

Денар: Кои се Вашите идни планови за развој и зголемување на бројот на услуги во полза на граѓаните и компаниите?

-Во иднина, ќе продолжиме со активностите за натамошно зголемување на базата на податоци, со квалитетни податоци од институции кои досега не беа вклучени, со цел зголемување на интересот за користење од страна на постојните и нови корисници.

Ќе продолжиме да посветуваме особено внимание на контрола на точноста на податоците, преку секојдневна проверка на доставените податоци и во соработка со давателите на податоци ќе се врши нивна корекција. За зголемување на квалитетот и безбедноста на податоците ќе започнеме со подготовки за имплементација на Систем за управување со квалитет согласно меѓународниот стандард ISO 9001:2008, како и имплементација на Систем за управување со сигурност на информациите согласно меѓународниот стандард ISO 27001:2013

Во тек се активности за реализација на модерна и поагресивна рекламна кампања за промоција на МКБ и неговите производи и услуги кај сите потенцијални корисници, со цел зголемување на информираноста и јакнење на општата свесност за придобивките од МКБ.

Истовремено ќе продолжиме со активностите за воспоставување соработка со кредитните бироа од Регионот за размена на податоци, согласно законските можности и подготвеноста на кредитните бироа за воспоставување ваква соработка, како и размена на искуства и стекнати знаења во досегашното работење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП