Регулаторните тела во Велика Британија би требало да ја истражат улогата на компаниите Google и Facebook во дигиталното рекламирање и ширењето на лажни вести, побара британската Асоцијација на медиуми, која ги претставува националните и локалните издавачи.
Како што пишува британски Телеграф, Асоцијацијата повикува на итна реакција на регулаторните тела, како Ofcom, задолжен за заштита на конкуренцијата во медиумската индустрија и властите надлежни за конкуренцијата и пазарот во Британија и од нив се бара да спроведат истрага.
Советничката за правни и регулаторни работи во Асоцијацијата за медиуми, Луси Гил, укажува дека на социјалните мрежи, како Facebook, е поголема веројатноста да се шират лажни вести, заради алгоритмот кој вредноста на текстовите ги мери преку размерот на ширење на веста, таканаречената виралност на текстот.
Се испоставува дека лажните вести се далеку попрофитабилни од проверените, во контекст на бројот на кликови и приходите од рекламирање.
Затоа во извештајот на британската Асоцијација за медиуми е отворено прашањето за одржливост на дигиталните вести во средина во која се бележи „експанзија“ на лажни вести на популарните интернет платформи.
Гил објаснува дека Асоцијацијата бара од Google и Facebook да истражат дали тоа што тие го работат придонесува за одржлив амбиент за проверените вести.
Таа ги повика и да спроведат суштинска проверка на доверливоста на вестите кои се објавуваат кај нив.
Ширењето на „програмското рекламирање“ подразбира собирање на податоци за одделни потрошувачи, врз основа на она што го гледаат на интернет.
Во согласност со тоа, им се прилагодуваа рекламите што им се прикажуваат, што води до тоа рекламите да се појавуваат автоматски на страниците со лажни вести, додека огласувачите не се свесни како се трошат нивните пари, напомнуваат од Асоцијацијата.
Во барањето на Асоцијацијата се укажува уште и дека страниците со лажни вести го ускратуваат приходот од рекламите на докажаните медиумски издавачи.
Покрај тоа, таквите сајтови дополнителна заработка остваруваат и заради помалите трошоци, бидејќи медиумските куќи мораат да ангажираат професионални новинари
Првиот човек на Асоцијацијата Ешли Хајфилд, рече дека медиумските издавачи произведуваат најголем дел од вестите, но најголем дел од колачот го земаат оние што ги дистрибуираат медиумските содржини, а не оние што ги произведуваат.
Британската влада и регулаторите нема вечно да го игнорираат влијанието на тандемот Google-Facebook, на медиумскиот пазар во Велика Британија, вели Хајфилд.
Асоцијацијата уште напомнува дека граѓаните во Велика Британија не подлегнуваат во голема мера на лажните вести, како потрошувачите во САД.