22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСекој петти Македонец сиромашен – дури и просечната плата недоволна!

Секој петти Македонец сиромашен – дури и просечната плата недоволна!

siromav

445.200 луѓе живеат под прагот на сиромаштија, а дури и со просечна плата тешко се сврзува крај со крај. Од друга страна одредени истражувања ја сместуваат Македонија меѓу најевтините земји во светот… Дали џебот ја демантира статистиката?

445.200 луѓе живеат под прагот на сиромаштија

5.8% од домаќинствата немаат када или туш; 6.9% немаат внатрешен тоалет; 3.8% немаат фиксен или мобилен телефон; 0.7% немаат телевизор; 28.5% немаат компјутер; 5.4% немаат машина за перење; 39.7% немаат автомобил; а 12.9% имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува Анализата на приходите и условите за живеење 2015-та на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во Анализата се наведува и дека 30% од семејствата сметаат дека вкупните месечни приходи „многу тешко“ ги задоволуваат основните потреби, 26.8% се изјасниле „тешко“, 29.9% „со извесни тешкотии“, 9% „подносително лесно“, а само 0.7% „многу лесно“.

Статистичарите пресметале дека едно македонско семејство има вкупен годишен приход од 340.132 денари, во руралните средини тој достигнува 325.3278 а во урбаните 351.689 денари.

Стапката на сиромаштија во 2015-та била 21.5%, во 2014-та 22.1%, а во 2013-та 24.2%. Според последните податоци, за 2015-та година, во Македонија 445.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија која се дефинира како годишен приход од 164.560 за четиричлено домаќинство.

Во последните 20 години Македонија имала највисока стапка на сиромаштија во 2009-та година, изнесувала 31.1%. Најниска била во 1997-та, 19%.

Со просечна плата едвај се сврзува крај со крај

Трошоците на живот во февруари 2017-та во однос на февруари 2016-та пораснале за 0.2%, а цените на мало за 1.3%.

Храната и пијалаците поевтиниле за 2.3%, комуналиите за 0.3%, трошоците за здравје за 1.2%, за образование за 0.3%. Поскапување е забележано кај алкохолот и цигарите за 4.8%, облеката и обувките за 2.8%,транспортот и комуникациите за по околу 5%.

Државниот завод за статистика ги објавува трошоците на живот и цените на мало, но веќе со години не прави пресметка за потрошувачка кошница. Сојузот на синдикати ги прави овие математики, но нередовно. Последната пресметка е за декември лани. Синдикалната потрошувачка кошница за овој месец била тешка 32.102 денари, а во декември 2015-та 32.233 денари односно 131 денар или речиси 0.5% помалку.

13.175 денари или 41% одат за храна и пијалаци, а 10.455 денари односно 32.5% за трошоци за домување, 2.241 денар или 7% за хигиена.

Просечната плата за една година пораснала за 3.3%. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во декември 2016-та изнесувала 23.457 денари, а во декември 2015-та 22.715 денари.

Најголем раст има во секторите: уметност и рекреација за речиси 50%, информации и комуникации за 22%, стручни и научни дејности за 13%, како и градежништво за речиси 10%.

Сепак, просечната плата покрива само 70% од синдикалната кошница која тежи!

Македонија меѓу најевтините земји во светот?!

Истражувањето кое го објави GoBankingRates, пак, ја сместува Македонија меѓу најевтините земји во светот. Според нивната анализа топ 10 најевтини се Македонија, Чешка, Парагвај, Оман, Замбија, Казахстан, Саудиска Арабија, Индија и Јужна Африка.

Од 20. до 11 место се наоѓаат во главно држави од нашето соседство: Бугарија, Грција, Србија, Малезија, Чиле, Молдавија, Пакистан, Колумбија, Полска и Босна и Херцеговина.

Критериумите кои ги земале во предвид се просечната плата, трошоците за сместување, цена на производи, ресторани и превоз.

Европски плати: најниски во Украина, највисоки во Швајцарија

Во Европа најниска просечна плата се исплаќа во Украина, изнесува само 180 евра. Следат Молдавија со 230 евра, Белорусија со 349, Македонија со 380, Албанија со 397, Бугарија со 406, Србија со 432, Босна со 436, црна Гора со 508 евра.

Најдобро платени се работниците во Швајцарија, просечната месечна плата изнесува фантастични 5.020 евра! Во Норвешка просекот е 3.700, во Исланд 3.367, во Шведска и Данска по 3.100, а во Финска, Франција и Ирска по околу 2.500 евра.

Живот на кредит – просечниот Македонец должи над 1.000 евра

На сите овие податоци се надоврзуваат и оние од Народната Банка (НБРМ) според кои Македонецот е се позадолжен и позадолжен.

Сега има кредит од 1.018 евра, за една година се задолжил за дополнителни 67 евра.

Според последните податоци на НБРМ вкупните кредите дадени на домаќинствата во јануари 2017-та достигнале 2 милијарди и 109 милиони евра, а во јануари 2016-та 1 милијарда и 969 милиони односно 140 милиони евра помалку.

Месечниот раст на кредитите е 0.3%, а годишниот 7.1%.

„Месечниот и годишниот раст главно произлегуваат од зголемените денарски кредитни пласмани на банките и штедилниците кај домаќинствата“, објаснуваат од НБРМ.

Најголем дел од кредитите се денарски (нивната вредност надминува 2 милијарди евра), а многу помал дел се со валутна клаузула (околу 100 милиони евра).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП