7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАFed очекува економски раст на САД од 2,5 проценти

Fed очекува економски раст на САД од 2,5 проценти

am1

Американската економија оваа година би можела да се зголеми за 2,5 проценти, а во текот на наредната година за 3,5 проценти, изјави денеска официјалното лице на „Fed“, Чарлс Еванс.

Исто така, Еванс смета дека стапката на невработеност во САД, во оваа година во просек би можела да изнесува 7,4 проценти, а во 2014 година да се намали на 7 проценти.

„Добар показател за подобрувањето на пазарот на трудот би било зголемувањето на вработеноста за 200.000 работни места месечно во текот на повеќе месеци. Сега во просек се отвараат 150.000 нови работни места месечно, но многу нерамномерно. Би требало да забележиме побрз раст на вработеноста и помали месечни осцилации“, изјави Еванс, претседател на „Fed“ во Чикаго.

Создавањето на еден милион работни места во период од шест месеци, би значело „значително“ подобрување, но процесот на намалување на невработеноста под критичното ниво од 6,5 проценти, веројатно ќе трае подолго, можеби до средината на 2015 година, процени Еванс.

Одлуката на „Fed“ од минатата година, монетарната политика да ја поврзува со специфичните економски услови, би требало да го зајакне обновувањето со задржување на инфлацијата под контрола.

Тој истакнува дека таа одлука обезбедува дополнителни олабавувања на монетарната политика, бидејќи пазарите се уверени дека каматните стапки во САД ќе останат ниски се додека економскиот раст не се забрза.

Американската економија во третиот квартал од минатата година, се зголеми за стапка од 3,1 проценти на годишно ниво, но се проценува дека растот во четвртиот квартал е забавен. Стапката на невработеност моментално изнесува 7,8 проценти.

„САД мора да ги консолидира финансиите на својот јавен сектор, но тоа мора да го направи постепено за да се избегнат понатамошните економски шокови или другите економски ризици“, изјави Еванс.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП