12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШопинг: Иста јакна 33 евра во Македонија, 20 евра во Бугарија

Шопинг: Иста јакна 33 евра во Македонија, 20 евра во Бугарија

ss

Исто парче облека од ист меѓународен бренд по различна цена. Гардеробата во Скопје речиси секогаш е поскапа во споредба со европските, но и со регионалните метрополи.

Исти производи, различни цени

Директната споредба покажува разлика од 10 па до дури 40 проценти.

Ист меѓународен, шпански бренд ги нуди производите по различни цени во различни земји. На македонската верзија на нивниот интернет сајт машка јакна од вештачка кожа се нуди за 2.990 денари (49 евра), на шпанската и бугарската верзија за 46 евра. Женска чанта во земјава се продава за 1.990 денари (32 евра), во Шпанија и во Бугарија цената е 30 евра.

Ова можеби е минимална разлика, но таа станува драстична при попустите и промоциите. Истата јакна при сезонската распродажба во Скопје достигнува цена од 2.000 денари (33 евра), но во Шпанија и Бугарија се спушта и до 20 евра. Чантата овде со попуст би била 1.500 денари (24 евра, а во другите држави 15 до 20 евра.

Евростат: облеката најевтина во Турција, најскапа во Исланд

Според Евростат, статистичката агенција на Европската Унија, најевтина облека има во Турција, а најскапа во Исланд. Податоците се однесуваат на 2015-та година.

Така алиштата во Турција се продаваат за 37% под европскиот просек, следат Македонија и Бугарија со 21% под просекот. На врвот на листата е Исланд со 52% над просекот, па Швајцарија и Данска со 34 односно 33%.

Сепак, овие податоци се однесуваат на просечната цена на облеката, вклучително и локално произведените парчиња и не ги земаат предвид меѓународните и најбараните брендови, ниту периодите на попусти и распродажби.

Економска логика: помал пазар – повисока цена

Трговските стручњаци објаснуваат дека има повеќе причини за ваквите разлики – помал пазар, послаба конкуренција, поскапа закупнина.

„Цените ги диктираат централите на модните куќи. Тие вообичаено се поставуваат на неколку нивоа во зависност од пазарот – Колку е помал, понеразвиен; а куповната моќ поограничена, толку диктираната цена е повисока поради помалиот обрт. Прометот во продавниците во скопските молови е повеќе пати помал отколку во Виена, Мадрид, Софија, Солун. И секако секогаш е најевтино во матичната земја на брендот“ објаснува трговскиот аналитичар Синиша Томески.

Според него дополнително влијание на цените на крајните производи имаат и трошоците.

„Кај нас даноците се помали, но закупнините се поголеми. Некои трговци кои кај нас продаваат брендирана гардероба и обувки, не прават сериски нарачки, туку земаат по неколку парчиња, што според економската логика мора да влијае на нивната малопродажна цена. Нормално е дека во Македонија со два милиона жители ќе биде поскапо отколку во Србија со над осум милиони. Но, мислам дека се што е над 10 проценти поскапо е неоправдано“ вели Томески.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП