Грчката „Piraeus Bank“ во вторникот објави дека во рамките на докапитализацијата со која има намера да собере 7,3 милијарди евра, успеала да собере доволно пари од приватни извори за да остане во приватна сопственост.
„Бидејќи „Piraeus Bank“ веќе постигна договор за учество на „BCP“ и „Societe Generale“ во докапитализацијата, таа успеа да осигура минимален удел на приватниот сектор кој и гарантира дека ќе остане во приватна сопственост“, беше истакнато во соопштението.
„Потврден е приватниот карактер на банката“, нагласи во разговорот со новинарите шефот на „Piraeus Banking Group“, Михалис Салас.
Во понеделник „Piraeus“ објави дека го купила комплетно акционерскиот капитал на „Millenium Bank Greece“, чија матична компанија „Millenium BCP“ ќе инвестира 400 милиони евра во планираната докапитализација на „Piraeus Bank“.
Дополнителни 170 милиони евра се обезбедени од договорот за купување на „Geniki Bank“ од францускиот „Societe Generale“, наведуваат во соопштението.
Сите четири водечки грчки заемодавачи, „NBG“, „Piraeus“, „Alpha“и „Eurobank“, покренаа процес за докапитализација како дел од меѓународниот пакет помош.
Вкупно 50 милијарди евра се резервирани од кредитната линија на Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за докапитализација на грчките банки кои претрпеа голема загуба поради отпис на побарувањата во однос на грчката држава.
Според министерството за финансии, постапката за докапитализација мора да биде завршена до крајот на април.