26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАBlack Friday – тотална ликвидација или само манипулација?

Black Friday – тотална ликвидација или само манипулација?

black

„Black Friday Sale“, „Сè на половина цена“, „Намалување до 60%“ – македонските излози ги следат светските трендови во последната недела од ноември, но дали е така и во продавниците, дали огромните попусти кои се најавуваат се реални?

Викендов трговските центри беа преполни од купувачи кои сакаа да ги искористат примамливите понуди, но најголем дел од нив беа разочарани – само дел од производите беа на попуст кој и не беше толку голем.

Помалата конкуренција остава простор за поголеми манипулации

Кај нас тешко дека можат да се пронајдат вистински распродажби како европските. Гардеробата таму се нуди по цени пониски и до 70% додека кај нас тоа едвај достигнува до 30%.

„Нашите попусти и тие во странство не се исти затоа што трговците имаат неспоредливо поголеми маржи. Слабата конкуренција остава простор за манипулирање со лажни распродажби. Кога би постоеле големи синџири кои би ги намалиле цените и би ги превземале купувачите и останатите трговци ќе мораат тоа да го следат“, признава сопственик на бутик во неврзан разговор.

Законот предвидува казни за несовесните трговци

Законот за заштита на потрошувачите има утврдено строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите.

„Означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените… треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини: со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на зборовите ‘нова цена’ и ‘стара цена’  или со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена“ стои во членот 12.

Но, законот оди и чекор понатаму – доколку се промовира попуст, тој мора да се однесува на најмалку една петина од сите производи, а старата цена мора да биде реална и да важела 30 дена пред почетокот на распродажбата.

Токму ова е и главното прекршување што го прават дел од трговците – ги пумпаат цените, а потоа пресметуваат попуст кој на крајот може и воопшто да не постои.

Доколку станува збор за распродажба Законот предвидува ваквите производи да бидат одвоени и јасно и на видно место да се истакне натпис дека се работи за распродажба. Доколку трговецот стави на распродажба производи со грешка мора да се истакне натпис со кој ќе се запознае потрошувачот во што се состои грешката, а доколку рокот на употреба е пред истекување мора да биде јасно и видно назначено и тоа.

Законот предвидува и казни за негово прекршување – од 100.000 до 300.000 денари.

Инспекторите казнуваат и за лажни попусти

Институцијата која е одговорна за спроведување на овој Закон е Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Тие постапуваат по сопствена процена или по пријава од граѓани. Сомнеж за лажен попуст или друг вид на проблем може да се пријави на телефонот 02/3220-547.

Според годишниот извештај на ДПИ, лани биле извршени над 40.000 инспекциски надзори, а од нив 5.000 се однесувале на Законот за заштита на потрошувачите, но нема податоци колку од нив се однесуваат на лажни попусти или промоции.

ОПМ: помалку поплаки во однос на претходните години

Сепак, во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека оваа за разлика од претходните години не добиле поплаки за лажни промоции и попусти.

„Минатите години имавме повеќе случаи, најчесто реагираат луѓе кои се почувствувале изманипулирани. Впрочем тие биле во продавницата и пред попустот, го виделе производот по една цена, а во време на попуст им се нуди наводно со високо намалување, а чини речиси исто како и претходно. Сега граѓаните се поинформирани“ велат во ОПМ.

Оттаму објаснуваат и дека муштериите тешко можат самите да утврдат дали станува збор за лажен попуст. Затоа, ако мислат дека е така, инспектор треба да направи увид и да докаже.

„Најдобро за самите трговци, за да не ја изгубат довербата кај потрошувачите е да ја пречкртуваат старата цена, секогаш кога производот го пуштаат на попуст. Ова обично не се прави и тука се раѓа сомнеж кај луѓето. Со пречкртувањето на старата цена и запишување на новата, како и на процентот на намалувањето, што е една од опциите во законот, потрошувачите ќе бидат задоволни и сигурни дека купуваат на попуст“ велат од ОПМ.

Доколку се пожалите во ОПМ тие само ќе ја препратат претставката до Пазарниот инспекторат кој треба да постапи по неа.

Четири начини за манипулација на трговците

Постојат четири главни начини со кои трговците манипулираат со купувачите во сезоните на попусти.

Најзастапена малверзација е кога на излогот се најавува попуст и до 70% а во продавницата само еден или два производи се со вакво намалување.

Друг пример е кога на попуст е само мала количина од робата, а кога станува збор за гардероба тоа се често само едно до две бројчиња кои и најмалку се трошат. Притоа трговците и натаму на излозите рекламираат голем попуст, иако од таа роба нема ниту еден примерок.

Трет начин на кој трговците ги залажуваат купувачите се т.н. постојани акции. Тоа се ситуации кога на излозите на продавниците во текот на целата година стои натписот „постојано намалување од 50 проценти“. Тука е во прашање очигледна измама. Во овој случај не може да се постави прашањето од која цена се намалува 50 проценти ако намалувањето е постојано.

И една од најзастапените измами е таа со зголемувањето на цената непосредно пред нејзиното намалување.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП