24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВреме е за редефинирање на моделот на македонската економија

Време е за редефинирање на моделот на македонската економија

petreski33

Вистинско време е да се разговара за редефинирање на економскиот модел по којшто треба да се развива Македонија, по многуте успони и падови ги имаше економијата, често погодувана од екстерни шокови.

„На среден до долг рок мислам дека клучно за македонската економија е да може да ги поврзе странските фабрики кои донесуваат повисока технологија, поинакви вештини на организација, на управување со фирмите на лидерство со домашните компании коишто треба да го подигнат својот продуктивен капацитет, да ја подигнат својата економска граница и во даден момент тие да бидат носители на растот, а не тоа да бидат странските фабрики. Меѓутоа таа спојка меѓу домашните фабрики и странските инвеститори треба да биде потпомогната со некаква политика на владата“, рече универзитетскиот професор од Американ колеџ Марјан Петрески, пред почетокот на денешната конференција „Перспективи 2016“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се исплати што странските инвеститори се носат и се привлекуваат со високи субвенции, без даноци, тој вели дека тие потрошени пари ги гледа низ призма на ефектите што ги дале, а еден ефект е во колкава мера тие ќе се поврзат со домашните компании и ќе овозможат така и домашните претпријатија да растат.

„Се чини дека тој ефект во моментов е недоволен. Ако ние и понатаму трошиме на ваков начин тогаш веројатно бенефитот од тоа финансирање на странските инвестиции ќе биде негативен. Затоа мислам дека итно е потребен редизајн на таа политика, значи продолжување на политиката на привлекување странски инвестиции меѓутоа фокусирање на нивно поврзување со домашни претпријатија и целосно да се договориме дали сакаме да го правиме тоа или не“, додаде Петрески.

За тоа што Европската комисија нотира недостатоци во фискалната политика на Македонија, вели дека точно е нотирано, дека сме имале промашена фискалната стратегија, а сега во новата фискална стратегија 2017 – 2019 повторно има заложба за фискална консолидација и тоа е позитивно меѓутоа треба да се опстои во нејзината примена.

„Во оваа фаза од развојот на македонската економија мислам дека е неопходно да генерираме фискални дефицити во Буџетот затоа што суфицитите можат да бидат поопасни. Оваа земја треба да се развива и тој развој од некаде треба да се финансира, вклучително и со генерирање дефицити но, меѓутоа дефицити разумно потрошени. Во таа смисла, долгот нема да може да се намалува, веројатно тој ќе расте, меѓутоа тие пари треба да бидат рентабилно употребени и повторно сметам дека еден елемент на новиот модел на раст да биде токму тоа што ние во општеството ќе изградиме консензус за тоа што сакаме да финансираме и што сакаме да постигнеме и како тоа ќе го финансираме. Значи не можеме да финансираме се одеднаш, а да не зборувам дека треба да прекинеме со ко-финансирање на какви било непродуктивни трошења“, додаде Петрески.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП