20 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Данчо Ордев во Кратово

Изложба на Данчо Ордев во Кратово

danco

Изложба на слики на академскиот уметник и професор Данчо Ордев ќе биде отворена во среда, со почеток во 12.30 часот во изложбениот салон на Музејот на град Кратово.

Изложбата содржи десеттина слики и е работена во периодот 2012 – 2016 г. а е во координација на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Данчо Ордев е роден на 07.05.1945 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовна уметност (остек сликарство) во Загреб 1969 година. Член е на ДЛУМ од 1973 година. Работел како редовен професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Има реализирано самостојни изложби во Загреб, Скопје, Битола, Струга, Прилеп, Велес, Осиек, Гостивар, Кичево, Струмица, Хелсинки, Брисел. Учествува во повеќе групни изложби, меѓу кои во Загреб, Белград, Скопје, Бања Лука, Струмица, Куманово, Струга, Марибор, Чачак, Зрењанин, Задар, Сараево, Љубљана, Нови Сад, Дојран, Битола, Гостивар, Тетово, Гевгелија, Кавадарци, Њујорк и др. Има повеже награди за ликовно творештво и учесник е на повеќе ликовни колонии во Македонија и надвор од неа.
„Постојат уметници коишто своето творештво сакаат да го направат на основите на своето лично и непосредно искуство во самиот процес на креација на делото, притоа фокусирајќи се повеќе на самиот процес и изведбениот перфоманс отколку на крајниот резултат. Оттука и чувството дека во делото е претставен процесот а сосема занемарена идејата да се наслика одредена тема којашто би била одраз на некоја конкретна приказна на којашто авторот експлицитно би инсистирал кон гледачот во неговото толкување на истата. Ваквиот приод соодветствува со сликарските движења коишто се појавија при крајот на четириесеттите години на минатиот век и продолжија во педессеттите и шеесеттите и беа именувани од историчарите на уметноста како апстрактен експесионизам – акционо сликарство, нова апстракција, постсликарска апстракција, гестуален апстрактен експресионизам и сл. Во основа се работи за идеи и концепти коишто можат директно да се поврзат со предметот на нашиот интерес во овој предговор а тоа е сликарскиот опус од дваесетина слики на реномираниот сликар Данчо Ордев, работени во периодот од 2010 до денес. Раскинувајќи ја секоја врска со реалноста и гледајќи на сликарската површина како територија за создавање на свој личен микрокосмички просторно-временски акционен континуум во којшто за миг ќе ги замрзне своите сликарски движења, пркосејќи им на силите на перманентната менливост и минливост, уметниците честопати и несвесно оставаат траги за своите душевни состојби и моментните чувства употребувајќи го богатството на колористичко-гестуалните изведби во една спонтана и сосема непредвидлива акција. Постапката на создавање вклучува елементи на интуитивното, надреалното, ирационалното и случајното, инстиктивни движења тренирани со години како и посегнување по бои коишто ќе ја одразат моменталната психичка состојба. Во таа смисла, Данчо Ордев го изведува својот гестуално-колористички перфоманс обидувајќи се притоа да развие варијации на енергичната изведба на лентовидните псеудоелементи споени меѓусебе во разни варијации и комбинации. Се чини дека централните делови на сликата се резервирани за ленти со заситени бои коишто, веројатно, треба да претставуваат некакви субјекти, а лазурните транспарентни ленти дадени во една широка лепеза на виножитниот спектар коишто се движат кон рабовите ја играат улогата на позадина. Во дел од сликите тие се избалансирани и рамноправни, а во некои нагласени како два субјекта коишто во суштина не треба да претставуваат ништо посебно освен енергијата којашто во тој момент Ордев ја предава на сликарската површина и таа останува заробена како сведоштво за изведената сликарска акција. Овој опус на Данчо Ордев можеме да го оцениме како негов придонес во развојот на апстрактниот експресионизам на бојата, базиран на гестот, движењето и сликарската акумулирана енергија минималистичко апстрахирана без метафоричност и асоцијација, некој вид на неодадаистички обид за исклучување на реалниот свет, создаден во манирот на акционото сликарство во коешто, пак, е нагласен физичкиот аспект (движењето на широката четка) и улогата на случајноста (капки од боја). Да се надеваме дека ова творештво на Ордев ќе претставува визуелна провокација за пошироката публика“, пишува историчарот на уметност Роберт Цветковски за творештвото на авторот.
Изложбата беше отворена во Куманово а во Кратово ќе биде поставена во наредните 15-тина дена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП