25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегулаторите бараат измени во пресметката на Еурибор

Регулаторите бараат измени во пресметката на Еурибор

eu1

Европските регулатори за банкарскиот сектор и финансиските пазари побараа да се намали влијанието на банките во процесот за утврдување на каматите за меѓубанкарското задолжување во еврозоната.

Европската агенција за банки (ЕБА) и Европската агенција за хартии од вредност и пазари (ЕСМА), објавија план во 11 точки кој би требало да ја подобри методата за пресметување на Еурибор и да ја спречи репризата од неодамнешните скандали околу местење на таквите камати во меѓународните финансиски центри.

Еурибор и неговиот влијателен „колега“ Либор, камата за меѓубанкарско задолжување на лондонскиот пазар, се клучни европски показатели за цената на финансирањето на банките и влијаат на целиот спектар на финансиски производи на пазарите низ целиот свет.

Воедно се и клучни показатели за напнатоста на финансиските пазари. Во време на финансиска криза, која го затресе светот во 2008 година, каматите на меѓубанкарските заеми нагло пораснаа поради нарушената доверба во кредиторите.

Иднината на Еурибор се најде на дневен ред на регулаторите откако цела низа на банки се повлекоа од процесот на неговото утврдување, за да го заштитат својот углед од евентуални негативни последици од скандалот со местење.

Минатата година, поради таков скандал беше сменето водството на „Barclays“, а швајцарскиот УБС беше присилен да плати 1,5 милијарди долари казна. Слични казни очекуваат уште неколку банки.

За да се спречи трендот на повлекување на банките од тоа тело, ЕБА и ЕСМА ги повикаа регулаторите во поединечни земји од еврозоната да ги охрабрат сите банки кои се активни на пазарите во зоната на примена на единствената европска валута да „учествуваат во панелот за Еурибор“.

Европските регулатори истовремено сакаат да спречат повторување на скандалите со местење на каматите, повикувајќи го Еурибор- ЕБФ, тело кое управува со Еурибор и има само три вработени, да преземе поголема одговорност за таа камата, за нејзина пресметка и објава.

Банките би требало, кога и да биде можно тоа, да ги темелат дневните извештаи од Еурибор на вистински трансакции а не на проценки. Исто така, не би требало да ја доверуваат работата на составувањето на тие извештаи на вработените кои би имале корист од манипулирање со каматата, предупредија европските регулатори.

„Препораките се фокусирани на барањата да се зајакне механизмот на внатрешното управување во банките кои учествуваат во панелот за Еурибор, вклучувајќи го кодексот на однесување со нагласок на идентификување и решавање на внатрешен конфликт, механизам за внатрешни контроли, евиденција и споредба со реалните трансакции“, сооштија од ЕБА.

Двете агенции, исто така, сакаат промените кои ги препорачуваат да бидат воведени во следните шест месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП