Конзервативниот јапонски премиер, Шинзо Абе, го претстави владиниот план за стимулирање на економијата вреден 20 милијарди јени, односно 175 милиони евра.
Целта е земјата да излезе од криза. Абе го искористи говорот за отворено да ја критикува Кина, во која јапонските компании страдаат поради дипломатскиот конфликт.
„Многу е важно да и се стави крај на долгогодишната дефлација и скапиот јен“, рече претседателот на јапонската влада.
Неговиот план би требало да овозможи отварање на околу 600.000 нови работни места и економски раст од два бода во наредната буџетска година, која трае од март 2013 до април 2014 година.
Јапонската економија, која последните два квартали е во рецесија, е силно погодена од падот на извозот и од забавувањето на глобалната побарувачка, како и од намалената домашна потрошувачка.
„Потребно е да се зајакне индустриската конкурентност и да се зголеми бројот на вработените, бидејќи само на тој начин може да се ревитализира економијата“, рече Абе.
Вкупниот износ кој се однесува на владините инвестиции, но и на финансиските стимулации од приватните компании за инвестирање, изнесува 10,3 милијарди јени или околу 90 милиони евра.
Околу 3,8 милијарди јени државата ќе инвестира во реконструкцијата на североисток од земјата, делот кој е опустошен од земјотреси, цунами и од нуклеарната катастрофа, во обновувањето на мостовите, тунелите и во останатите дотраени инфраструктури.
Јапонскиот премиер ја критикуваше Кина, бидејќи дозволила јапонските компании да претрпат штета како одговор на територијалниот спор, околу ненаселениот остров во Источното кинеско море. Абе изјави дека е погрешно фирмите да бидат оштетени, со цел да се постигнат политички цели.
„Проблемот е во тоа што, штетата им е нанесена на јапонските компании и на јапонските државјани во Кина, кои придонесуваат во кинеската економија. Сакам да кажам јасно дека тоа се погрешни чекори на една земја, која треба да биде одговорна во меѓународната заедница“, изјави Абе.