11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечниот Македонец на банките им должи речиси илјада евра

Просечниот Македонец на банките им должи речиси илјада евра

pari

Секој Македонец во просек должи по 992 евра. Вкупните кредити за домаќинствата во мај достигнале 2 милијарди и 55 милиони евра, за една година се зголемиле за 223 милиони и 772 илјади евра.

Просечниот долг на граѓаните се зголемил за 108 евра за една година

Според податоци на Народната Банка (НБРМ) изминативе 12 месеци банките на домаќинствата им одобрувале по 613 илјади евра нови кредити секој ден. Во овој период секој граѓанин во просек го зголемил минусот на сметките за по дополнителни 108 евра.

Најголем дел од позајмиците се во денари, 94.37%. Останатите 5.63% се со девизна клаузула, а од нив најголем дел се врзани со еврото.

Граѓаните многу почесто земаат долгорочни кредити, нивниот збир е речиси пет пати повисок од оној на краткорочните.

Компаниите се потешко до кредит, мерките со слаб резултат

Додека растот на кредитирањето за граѓаните продолжува кај компаниите има намалување на позајмиците, тренд кој почна пред три месеци и се уште трае. Во март биле 2 милијарди и 503 милиони евра, во април 2 милијарди и 486 милиони, а во мај 2 милијарди и 456 милиони евра.

Овој процес кој беше поттикнат од политичката криза и од шпекулациите во јавноста одеше контра мерките кои ги воведе Народната Банка на почетокот на година кои имаа за цел токму поттикнување на кредитирањето на фирмите и ограничување на кредитирањето на граѓаните.

Народната Банка од 1 јануари одлучи да го зголеми капиталното барање за потрошувачките кредити и за минусите на картичките, а да го намали за дел од корпоративните кредити што всушност првите ги прави поскапи, а вторите поевтини за самата банка, а при тоа не би требало да влијае на каматните стапки.

Продолжува повлекувањето на депозитите

Продолжува и трендот на повлекување на депозитите кој исто така беше поттикнат од политичката криза и пред се од шпекулациите.

Во април граѓаните повлекле 109 милиони евра од банките, а во мај дополнителни 22 милиони.

Од друга страна компаниите кои во април повлекоа депозити со вкупен износ од 42 милиони евра во мај вратиле дел од парите во банките односно депонирале 29 милиони и 600 илјади евра.

Како одговор на затегнатиот девизен пазар, но и на топењето на депозитите Народната Банка на почетокот на мај воведе серија мерки кои требаше да го запрат ваквиот процес. Беа извршени интервенции во задолжителната резерва и во девизните депозити и беше зголемена основната камата.

Целта беше оние што ќе депонираат кеш особено во денари да заработат повеќе, а оние што ќе земаат кредит особено во евра да платат повеќе. Ова се очекуваните ефекти од најновите мерки на Народната Банка.

Податоците покажуваат дека овие мерки засега имаат ограничен ефект, но сепак успеаја да го подзапрат трендот кој можеше да го разниша банкарскиот сектор.

НБРМ: депозитите се стабилизираат

Во Народната Банка сметаат дека затегнувањето на монетарната политика на почетокот на мај, засега, било доволна реакција за притисоците. Минатата недела Комитетот за монетарна политика заклучи дека се видливи знаци на стабилизирање  на очекувањата и довербата на економските субјекти.

„Неизвесниот домашен амбиент се одрази и врз депозитната база на банките, којашто во април забележа значителен пад од 2,2% на месечна основа, речиси подеднакво распределен помеѓу депозитите на корпоративниот сектор и депозитите на домаќинствата. Првичните податоци за мај покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти“ се наведува во соопштението од НБРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП