18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСподели го сонот: Тинтири - Минтири филм фест

Сподели го сонот: Тинтири – Минтири филм фест

филм-филм-филм-фиииии

Под мотото „Сподели го сонот“, од 10 до 12 јуни 2016, во Кинотека на Македонија, ќе се одржи второто издание на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест.

И оваа година на фестивалот ќе се прикажуваат филмови за деца што ги снимаа членовите на филмското училиште Тинтири Минтири, ќе се прикажуваат меѓународни филмови за деца, а ќе се одржуваат и работилници.

„Се обидуваме да изградиме ангажиран филмски фестивал за деца, нешто што е новитет не само во Македонија, туку и во светот. Фестивал на кој освен филмови за деца направени од филмски професионалци, публиката ќе може да види филмови создадени од деца, на високо професионално ниво. Со нашите ученици работиме и инсистираме да им изградиме што повисок критериум за филм. Ги запознаваме со сите аспекти на филмот, од идеја до финален производ. Децата можат да пренесат многу пораки, а филмот е еден од најпопуларните и најатрактивни медиуми за таа работа. Да ги слушнеме што имаат да ни кажат бидејќи за нив ја градиме иднината. Да им дозволиме да го споделат нивниот сон со сите нас“, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот и раководител на филмското училиште Тинтири Минтири.

Во рамки на фестивалот ќе бидат прикажани филмови од деца кои се пријавија на отворениот конкурс објавен од страна на филмското училиште Тинтири Минтири.

На 11 јуни (сабота) ќе се одржи работилница за деца за основи на филмско сценарио. Ментор на работилницата ќе биде м-р Ева Камчевска.

Децата гледачи ќе гласаат за најдобар филм и согласно нивните гласови ќе биде одбран победничкиот филм.

Билетите за проекциите чинат 25 денари.

Првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири-Минтири Филм Фест се одржа минатата година, под мотото Филмови на големото срце.

Тинтири Минтири e филмско училиште кое ги детектира и активира креативните потенцијали на децата преку глумење, изработка на играни и анимирани филмови, радио драми, креативно пишување, од почеток до финален производ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП