26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЖенскиот младински хор при МКЦ освои прво место во Вроцлав

Женскиот младински хор при МКЦ освои прво место во Вроцлав

prvo-prvo-mesto

Женскиот младински хор при МКЦ, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, оствари извонреден резултат на шестиот меѓународен фестивал и хорски натпревар за духовна музика “Vratislavia Sacra”, кој од 3 до 6 јуни се одржа во европскиот град на културата за 2016 година, Вроцлав.

Хорот освои први места во двете категории во кои се натпреваруваше (категорија за еднородни хорови и категорија за госпел и спиритуал), а диригентот Татарчевски доби три специјални награди за најдобар диригент од стручното жири, од жири-комисијата на организацијата „Вроцлав, европски град на културата“ и од претставниците на Музичката академија во Вроцлав.

Освен нашиот хор, на фестивалот учествуваа уште дваесетина ансамбли од Европа и САД, кои, покрај натпреварот, зедоа учество и на голем број концерти што се одржуваа во неколку катедрали низ градот. Нивото на сите присутни ансамбли беше исклучително високо, а во секоја категорија се доделува само по една прва, втора и трета награда.

Женскиот младински хор при МКЦ годинава слави 44 години од постоењето и е еден од најуспешните колективи, кој ја претставува Македонија на меѓународната сцена, освојувајќи голем број награди и признанија.

Маестро Сашо Татарчевски е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје по група предмети од областа на диригирањето. Постојано работи со неколку хорови како професионалниот камерен хор „Про Арс“, хорот на ФМУ Скопје „Драган Шуплевски“ и Женскиот младинско хор при МКЦ. Редовен член е во неколку жири-комисии на меѓународни хорски натпревари, а од 2014 година е уметнички раководител и главен предавач на меѓународниот хорски форум во Струга.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП