2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНеизвесна судбината на Малезија Ерлајнс

Неизвесна судбината на Малезија Ерлајнс

malaysia_033

Две години по двете воздухопловни несреќи, иднината на воздухопловната компанија Малезија Ерлајнс и натаму е неизвесна.

Губењето на две летала Боинг 777 во 2014 година за само неколку месеци, го поттикна овој превозник кој веќе беше во загуби, да ја бара итно потребната државна помош.

Компанијата го намали бројот на персонал за третина, ги приземји авионите Боинг 777-200 и ги укина помалку профитабилните долги рути.

Како резултат на тие напори, и ниските цени на нафтата, групата истакнува дека ќе ја постигне својата цел и повторно ќе оствари добивка во 2018 година, година во која завршува тригодишниот договор на нејзиниот германски шеф  Кристоф Милер.

Но, некои аналитичари и директори се прашуваат како компанијата, со тесен регионален бизнис модел, ќе им конкурира на регионалните ривали.

Тврдат дека Милер и неговиот тим не посветуваат доволно внимание на долгорочната стратегија, особено во светло на острата конкуренција од страна на конкурентите од југоисточна Азија, како што се Сингапур Ерлајнс, Гаруда Индонезија и Ер Азија, посебно ако воздухопловниот превозник продолжи да ги губи пилотите, инженерите и средно рангираните менаџери.

Малезија Ерлајнс се бори со високи трошоци и ниски приходи, што беше проблем и пред 2014 година. Проблемите се продлабочија по март истата година, кога летот МН370 исчезна на летот од Куала Лумпур кон Пекинг со 239 патници. Во јули 2014 година, пак, авионот на летот МН17 го собори ракета земја-воздух над Украина, усмртувајќи 298 патници и членови на екипажот.

Во декември 2014 година малезискиот државен инвестициски фонд Казанахја презеде контролата над компанијата во рамки на планот за реструктуирање вреден 1,47 милијарди американски долари. На местото извршен директор во мај 2015 година беше доведен 54 годишниот Милер, со искуство на реструктуирање на работењето на ирската воздухопловна компанија Ер Лингус, белгиската Сабена и германската Луфтханза. Некои оперативни промени што ги воведе Милер почнуваат да даваат резултати. Минатата недела компанијата објави податоци кои покажуваат раст на приходите по седиште на километар, мерка на ефикасност на оваа индустрија, за 10 отсто во однос на претходното тромесечје. Но, тоа можеби нема да биде доволно.

„Казанах мора да го принуди Кристоф и неговиот тим да направат нешто што ќе ја осигура иднината на воздухопловната компанија и по истекот на неговиот тригодишен договор“, рече еден од раководителите што не е овластен да дава информации.

Друг раководител исто повика на повисоки амбиции, критикувајќи ги „прекратките рокови“ во планот на реструктуирање.

Минатата недела оваа воздухопловна компанија објави дека нејзиното најново кастрење на цените вклучуваше и повторно преговарање за договорите со лизинг компаниите, намалување на бројот на добавувачи, како и воведување на нов информациски систем.

Резовите досега вклучуваа драматично намалување на воздушната мрежа: во последната година компанијата ги откажа сите директни летови кон Европа, освен оние кон Лондон, а укина и неколку азиско-пацифички услуги со ниски приноси.

Наместо тоа, се концентрираше на летови со краток и среден дострел кон Азија и Австралија. Потпиша и договор за заеднички летови со воздухопловната компанија Емирејтс, за да им овозможи на своите патници пристап до Европа и Африка преку Дубаи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП