На Волстрит во вторникот берзанските индекси скокнаа за повеќе од 2 отсто, најмногу во последниот месец, бидејќи инвеститорите се охрабрени од сигналите за забрзување на растот на американската економија по забавувањето од крајот на мината година.
Индексот Dow Jones зајакна за 2,11 отсто, на 16.865 поени, додека индексот S&P 500 скокна за 2,39 проценти, на 1.978 поени, а Nasdaq индексот за 2,89 отсто на 4.689 индексни поени.
Најголемиот дневен скок на овие индекси последниот месец дојде благодарејќи на сигналите за забрзување на растот на американската економија по забавувањето во четвртиот минатогодишен квартал. Од една страна, пак, активностите во производствениот сектор во САД во февруари ослабеле, но податоците за растот на новите нарачки и подобрувањето на резервите укажуваат на стабилизирање на овој сектор.
Инвеститорите ги охрабреа и податоците за растот на потрошувачката во градежништвото по највисоката стапка од 2007 година, како и силниот раст на продажбата на автомобили. Заедно со низата други податоци, тоа покажува, велат аналитичарите, дека растот на најголемата светска економија во првото тримесечје од годинава би можел да достигне 2 отсто, откако во последниот лански квартал забави на 1 отсто.
„Главната теза од крајот на минатата година беше дека забавувањето на растот на кинеската економија ќе влијае врз целиот свет. Но, сега се гледа дека практично нема опасност од рецесија во САД“, вели за Reuters Доналд Селкин, стратег во компанијата „National Securities“.
Благодарејќи на тоа, во девет од десетте сектори на S&P 500 индексот, цените на акциите во вторникот пораснаа за повеќе од 1 отсто, а најмногу за 3,5 отсто, скокна финансискиот сектор. Овој сектор, инаку, е најголемиот губитник од почетокот на годинава, со пад од околу 9 отсто, меѓу другото и поради тоа што вложувачите стравуваа од загуби на кредитите во енергетскиот сектор, кој е под притисок поради ниските цени на нафтата.
А цените на нафатат во вторникот дополнително пораснаа за 2 отсто, продолжувајќи го трендот на закрепнување од најниските нивоа во последните 12 години, на кои паднаа во февруари. Благодарејќи на тоа, рударскиот и енергетскиот сектор, беа меѓу најголемите добитници, како и технолошкиот кој скокна за 3,1 отсто.