27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАИлустраторката Николовска добитник на наградата „Браво сине“ од 200.000 денари

Илустраторката Николовска добитник на наградата „Браво сине“ од 200.000 денари

браво-сине2

Креативното решение на Катерина Николовска за илустрација на едицијата „Бајки од Македонија“ победи на отворениот конкурс за избор на млади дизајнери-илустратори што го организираше Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

Николовска во следниот период целосно ќе ги дизајнира четирите бајки „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и 12-те месеци“.

Финалното печатено издание на едицијата „Бајки од Македонија“ во мај 2016 година ќе биде издадено од страна на издавачката куќа „Арс Ламина“, која е партнер во проектот.

Паричната награда од 200.000 денари за победничкото решение на конкурсот ја обезбеди Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Навистина ми претставува огромно задоволство што во толку голема конкуренција победија токму моите илустрации. Наградата претставува вистинска мотивација, но најголема мотивација и радост за мене е можноста да работам на целосна илустрација на бајките. Средствата од наградата ќе ги искористам за дополнително професионално усовршување, особено во 3Д-дизајнот, кој станува особено атрактивен сегмент во креативниот сектор, истакна авторката на победничкото решение, Николовска.

На отворениот конкурс се пријавија 38 дизајнери-илустратори, кои понудија различни стилски решенија. Сите пристигнати решенија беа разгледани од Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и претставниците на издавачката куќа „Арс Ламина“, по што беше избрано победничкото решение што беше оценето како најсоодветно за проектот „Бајки од Македонија“.

За нас беше многу пријатно изненадување што на конкурсот пристигнаа толку голем број решенија. Имавме тешка задача да одбереме една од навистина солидните илустрации. Особено задоволство за нас претставува сознанието дека во Македонија има сериозен креативен потенцијал кај младите, што е дополнителен поттик за продолжување на нашата мисија и во следниот период. Искрено се надеваме дека новиот проект „Бајки од Македонија“ преку оригиналните илустрации ќе им биде омилено четиво на децата, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

Покрај Николовска, професионален ангажман за илустрација на книги им биде понуден и на Оливер Коларовски и авторскиот тим на Милош Ѓуровски. Тие ќе бидат ангажирани на посебни проекти на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Тргнувајќи од сознанието дека читателската публика се создава уште од најрана возраст, за нас овој проект е од огромно значење. Ние посветуваме големо внимание на литературата за деца, па затоа проектот „Бајки од Македонија“ за нас е особено важен, бидејќи освен што ќе ја збогати понудата за најмладата читателска публика, истовремено претставува спој на модерните трендови во визуализација на бајките и автентичното народно творештво. Да се пренесе традицијата на начин разбирлив за новите генерации е вистински предизвик, изјави Билјана Црвенковска, уредник во „Арс Ламина – публикации“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП