19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: странски инвестиции–ефекти наспроти трошоци

АНАЛИЗА: странски инвестиции–ефекти наспроти трошоци

inv

Од почетокот на годината речиси секој ден се отвора или најавува по една нова странска фабрика, но каква е сликата на терен и колкава корист има Македонија од овој како што некои од министрите го нарекуваат „инвестициски бум“?

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кои направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Сепак, инвеститорите имаат повеќе позитивен отколку негативен ефект, сметаат истражувачите според кои речиси сите држави на еден или на друг начин се обидуваат да ги привлечат големите компании кај себе.

„Забележана е и дури фрапантна цена од 800.000 евра што ги платила една држава за едно ново отворено работно место од страна на една германска компанија“ вели Ристо Карајков од невладината Development Solutions.

Просечната плата во зоните помала од просечната плата надвор од нив

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во ноември 2015-та била 22.200 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 17.555 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Во Центарот за економски анализи, пак, сметаат дека ниските плати се во колизија со високите технологии кои ги носат инвеститорите.

„Ниските плати кои во просек се под националниот просек се во судир со политиките кои декларираат дека привлекуваме високи технологии“ вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Компаниите во овие зони 10 години се ослободени од персонален и данок на добивка, ДДВ, а имаат и царински ослободувања.

Домашните компании се чувствуваат дискриминирани

Менаџерите на домашните компании во најголем дел се чувствуваат дискриминирани во однос на инвеститори, но сепак ја поддржуваат политиката за привлекување странски корпорации . Ова го покажува истражувањето на граѓанското здружение Development Solutions кое спровело анкета кај 268 раководители на фирми. Од нив 70% целосно или делумно се согласуваат со тезата „домашните компании се дискриминирани во однос на странските инвеститори“.

„Дополнителен аргумент е дека на домашните инвеститори се посветува недоволно внимание, во смисла на тоа дека не може да добијат помош дури и во решавањето на некои основни проблеми од секојдневното работење, а камоли да добијат такви дарежливи повластици како што добиваат странците“, изјави Ристо Карајков, Development Solutions.

Надлежните не се согласуваат со ова – законот не правел никаква разлика меѓу домашните и странските компании, а доказ за тоа биле и првите две македонски фирми, Хајтек и ТТ Пласт, кои потпишаа договори за влегување во слободните зони.

„Тие се и првите кои официјално побараа влез во зоните и изготвија бизнис план кој што ги исполнува условите. Тие се доказ дека поволностите кои се нудат во ТИРЗ за странските компании односно за компаниите кои се основани со странски капитал се во целост исти и за домашните компании. Со нив полемиката дека македонските компании не можат да влезат во зоните се демантира. Сите без разлика од потеклото на капиталот се домашно регистрирани за да ги добијат овие поволности. И ЏонсонКонтролс и Џонсон Мети се пред се домашно регистрирани компании и како такви аплицираат за сите тие поволности“ вели директорот на ДТИРЗ, Виктор Мизо.

Од јануари до ноември странските инвестиции од 142 милиони евра

Според податоците на Народната Банка (НБРМ) во 2015-та заклучно со ноември во Македонија влегле странски инвестиции со вкупна вредност од 142 милиони евра што е помалку за 32 милиони евра или за 18.5% во однос на истиот период од 2014-та.

Салдото во септември и ноември било дури и негативно кога се одлеале 21 односно 24 милиони, а во октомври било најпозитивно кога пристигнале 53 милиони евра.

Гледано по години, на Македонија најдобро и одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та инвестициите биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони.

Регионот стои подобро од Македонија. Според податоците, во првите 10 месеци од минатата година во Црна Гора странците вложиле 450 милиони долари, во Косово 343 милиони долари, во Албанија 1,2 милијарди долари, во Србија влегле речиси 2 милијарди долари, а во Босна и Херцеговина 315 милиони долари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП