Шпанија во четвртокот, на првата овогодишна аукција на државните обврзници, успеа да собере значајно поголем износ отколку што планирала, со значително пониски камати, а исто така, се намалија и трошоците за задолжување на Италија.
Шпанското министерство за финансии, на вчерашната аукција, собра 5,8 милијарди евра, во однос на планираните 4-5 милијарди евра, известува Ројтерс. Продадени се обврзници со три различни рока на доспевање. Со продажбата на оние со најдолг рок, до јули 2026 година, Мадрид собра 470 милиони евра, со просечна камата од 5,555 проценти, во однос на 6,191 проценти колку што беше присилена владата да плаќа во јули 2011 година.
Најголема беше побарувачката за обврзниците со рок на доспевање до 31 март 2015 година, кои се продадени за 3,397 милијарди евра, со камата од 2,476 проценти. На претходната слична аукција одржана на 13 декември минатата година, каматите изнесуваа 3,35 проценти. Обврзниците со рок на доспевање во јануари 2018 година се продадени со камата од 3,988 проценти, во однос на 4,680 проценти колку што изнесуваа на минатата аукција одржана на 8 ноември.
Аналитичарите истакнаа голема побарувачка и кај меѓународните и кај домашните инвеститори, што би можело да го ублажи притисокот на шпанската влада да побара помош. „Побарувачката беше импресивна и за краткорочните и за долгорочните должнички хартии од вредност, а просечните приноси пониски отколку на претходните аукции“, рече Ник Стаменекович, стратег на РИА Капитал Маркетс од Единбург. Судејќи по тоа, шпанската влада нема да мора да брза со барањето на надворешна помош.
Италија вчера исто така ја одржа првата аукција годинава, со осетно пониски трошоци за задолжување. Италијанското министерство за финансии собра 8,5 милијарди евра со продажба на трезорски записи со рок на доспевање за година дена, пренесува Франц Прес (АФП). Просечната камата изнесуваше 0,86 проценти, со што падна на најниско ниво во последните три години. На слична аукција одржана во средината на декември, изнесувала 1,46 проценти.