14 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТАВ Македонија и Визер одбележаа два милиона патници превезени со нискобуџетните летови

ТАВ Македонија и Визер одбележаа два милиона патници превезени со нискобуџетните летови

scaled_image-2-520x309

ТАВ Македонија и Визер, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во централна и источна Европа, во среда одбележуваат два милиона патници превезени со нискобуџетните летови на овој авиопревозник во Македонија.

„Возбудени сме што го прославуваме овој значаен настан од два милиона патници на Визер до и од Македонија. Нашите операции во Македонија ги почнавме во 2011 година и оттогаш ја стекнавме довербата и лојалноста на нашите македонски патници, прераснувајќи во најчесто избраната авиокомпанија во земјата. Со основањето на нашата база во Скопје и континуираното ширење на нашата нискобуџетна мрежа, отворивме голем број локални работни места, во исто време поттикнувајќи го туризмот и воздухопловната индустрија. Сега имаме три воздухоплови базирани во Скопје, а секој од нив е опслужуван од македонски екипаж што го говори локалниот јазик и нуди одлична услуга при секој лет. И понатаму ќе нудиме ниски цени и најдобри услуги за на најдобар начин да излеземе во пресрет на потребите на македонската патувачка јавност“, изјави Ѓорѓ Абран, комерцијален директор на Визер.

Потенцирајќи ја посветеноста кон Македонија како пазар, Визер неодамна најави три нови линии од Скопје, поврзувајќи го градот со три европски метрополи, Берлин, Братислава и Копенхаген. Со новите линии, авиокомпанијата има повеќе од еден милион седишта на располагање за 2016 година, што претставува пораст на капацитетот за 22% споредено со 2015 година.

„Денес одбележуваме безмалку пет години и два милиона патници со реномираната нискотарифна авиокомпанија Визер, што за ТАВ Македонија претставува значајно достигнување за развојот на аеродромите. За многу кратко време се воведоа многу нови летови до европските метрополи. Летањето стана привилегија на сите граѓани поради пристапните цени на авиобилетите, со што се овозможи многу луѓе, меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат. Од друга страна и многу туристи и бизнисмени почнаа да ја откриваат Македонија. Ваквиот избор на дестинации и маркетиншките политики на Визер и на ТАВ холдингот, како и владините субвенции за нискобуџетните авиокомпании, придонесоа скопскиот и охридскиот аеродром да станат аеродроми со најбрз раст во регионот“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според бројот на превезени патници, Визер има 49,2% пазарен удел на двата македонски аеродрома во 2015 година. Нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22% на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.

Првиот лет на Визер од Скопје се случи во јуни 2011 година, а оттогаш авиокомпанијата постојано ја шири својата мрежа во Македонија. Во октомври 2012 година воспостави своја база во главниот град и сега има три воздухоплови и 84 вработени со седиште во Скопје. Во јуни лани, Визер почна со летови и од охридскиот аеродром.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП