27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрајановски најави сообраќајно поврзување на Кисела Вода и Аеродром

Трајановски најави сообраќајно поврзување на Кисела Вода и Аеродром

patista 200

Пробивање улица што ќе ги поврзува булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода во Скопје, со „Трета Македонска бригада“ во Аеродром и „Никола Карев“ пред Железничката станица, најави градоначалникот Коце Трајановски на почетокот на изградбата на скопската „Флетајрон“ зграда на „Адора инженеринг“.

Градоначалникот Трајановски призна дека околината на новата зграда во изградба на местото на поранешната сапунарница „Цветан Димов“ не е добра и дека за пристоен живот на нејзините станари ќе треба да се подобри сообраќајната инфраструктура.

„Оваа година ќе биде распишан тендер за „Есенинова“, тоа доаѓа од „Борис Трајковски“, кај семафорите, па се поврзува со „Никола Карев“ и  „Трета Македонска бригада“ и овој простор тука сигурно е дека, во рамките на нашите надлежности, ќе го уредиме. Оваа зграда е една од зградите којашто има огромен капацитет и станбена и деловна  површина и сигурно дека од сообрајќаен аспект ќе треба да има многу добар пристап“, рече Трајановски одговарајќи на новинарско прашање за сообраќајниот пристап до зградата чиј влез не излегува на булеварот, туку на задната страна, на неугледната уличка „Улоф Палме“.

По истите `диви` пристапи секојдневно поминуваат околу 300 вработени во околните фирми, за да стигнат на своето работно место.

Барањата до општината Кисела Вода, Општината Центар и градот Скопје за изградба на пристапен пат до зградите не вродија со плод, иако плановите за пробивање улица што би ги поврзувала скопска Кисела Вода и Аеродром, покрај пругата и здравствениот дом „Пролет“, се стари неколку децении.

Засега единствен пристап, без да направите некој сообрајќаен прекршок е влезот кај „Електроелемент“ и тоа само доколку се движите по „Борис Трајковски“ кон Центар. Доколку доаѓате од Центар, тука не може да се сврти лево, затоа што би пресекле две полни линии.

Во тој случај, останува пристапот од „Есенинова“, но штом свртите лево, улицата завршува во празен простор, зад зградата на „Илинден“, што не е ниту паркинг, туку еден вид на`див` премин.

Токму по таа рута, од настанот, во петок, си замина и градоначалникот Коце Трајановски.

„Ние особено ќе обрнеме внимание на овој објект, со оглед на тоа што околината околу него не е баш добра. Се она  што е во наша надлежност ние ќе го направиме. Може и мал придонес и булеварот „Борис Трајковски“ којшто го направивме  пред неколку години, затоа што ако ги направите главните сообраќајници во тој случај вие привлекувате  и повеќе инвеститори“, рече Трајановски.

Тој најави дека очекуваат повеќе инвеститори и за булеварот „Трета Македонска бригада“, да се изградат што повеќе згради како линиски центри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП