26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМузејот на македонската борба со ново работно време од понеделник

Музејот на македонската борба со ново работно време од понеделник

muzej

Националната установа Музеј на македонската борба – Скопје ќе биде отворен за посетителите секој ден вклучувајќи ги и понеделниците, освен првиот понеделник во месецот.

„Со новото работно време, кое почнува овој понеделник 30 март 2015, музејот им излегува во пресрет на бројните туристи од земјата и странство чиј интерес е особено голем во периодот од мај до октомври. Музејот ќе биде отворен секој ден од 10.00 до 18.00 часот освен првиот понеделник во месецот кој ќе се користи за сервисни активности“, се вели во соопштението од Музејот.

Дополнителната понуда за посетителите се збогатува со можноста со секоја купена влезница за посета на Музејот да може да се посети терасата-видиковец во Порта Македонија, почнувајќи од понеделник 30 март 2015г.

Во рамки на своите редовни активности, музејот во првата недела од април ќе ја реализира завршната изложба од проектот Музејот – пријател на децата. Овој проект кој почна со реализација во септември 2014 годеина опфати двеста ученици од повеќе училишта од Македонија, а на завршниот дел ќе бидат доделени награди и признанија за учесниците.

Музејот на македонската борба ја организира изложбата Македонските национални носии на разгледниците 1890-1950 г. – македонскиот фолклор и идентитетот во Загреб, Република Хрватска. Изложбата ќе биде поставена во галеријата Етно-арт, а отворањето е закажано за 16 април. Во рамки на изложбените активности во мај се планирани две изложби во Музејот на македонската борба – по повод 70 години од Црвениот крст на Македонија и по повод Денот на сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј.

Музејот на македонската борба е македонски кандидат за наградата „Жива“ во организација на Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана. Наградата се доделува на најдобриот музеј во словенските земји, а годинава се очекува учество на институции од 14 земји. Официјалните кандидатури ќе бидат објавени во Санкт Петерсбург, Русија во средината на мај.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП