2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКСС: Со законските измени ќе се зголеми социјалната сигурност на хонорарците

КСС: Со законските измени ќе се зголеми социјалната сигурност на хонорарците

kss-kss55666

Девет гранкови синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати денеска дадоа поддршка на законските измени за задолжително осигурување на хонорарите и договорите за дела што ќе почнат да се применуваат од 1 јануари.

Според нив, со овие измени ќе се заштитат работничките права во делот на остварувањето на правото за пензиско и здравствено осигурување.

Дополнително хонорарците или оние кои имаат договори на дело ќе можат да си го докупат или да ги одработат годините кои недостасуваат за стекнување на услови за старосна пензија. Пред се, ќе се заштитат работниците од злоупотреба на плати од помал износ, а остатокот со авторски договор, истакна на прес­конференција генералниот секретар на КСС Љубе Стојковски.

Синдикатите очекуваат дека со оваа мерка драстично ќе се зголеми официјалната вработеност во државата.

Деветте гранкови синдикати кои денеска дадоа поддршка на законските измени се синдикатите за транспорт и врски, за администрација и државни управи, за енергетика, рударство и индустрија, на пошта и телекомуникациски оператори, на пожарникарите, на одбраната, за земјоделство и за угостителство и туризам.

Според професорот по трудово право Лазар Јовевски, законските измени ќе имаат позитивни ефекти од повеќе аспекти. Пред се оние кои имаат авторски договори, а не се вработени, повеќе или помалку ќе се изедначат во делот на социјалните права со оние кои што се вработени.

Од друга страна, на оние кои веќе се во работен однос, а земаат одредени парични средства по основ на авторски или други договори, ќе им се покачи пензиската основица доколку не се до оној законски максимален износ на пензиска основица кој е законски определен. Во овој дел, смета Јовевски, може да се размислува за покачување на пензиската основица.

Тој истакна дека покачувањето на пензиската основица е добра работа бидејќи дава ефект на долг рок.

Државата мора да се грижи за социјалната политика и за социјалните права на своите граѓани и доколку не се грижи на време, утре кога овие лица ќе остарат, а ќе немаат правен основ за земање пензија ќе паднат на товар на државата и на сите други граѓани. Тоа дополнително ќе го оптоварува финансискиот сектор во однос на плаќање на посебни социјални заштити или социјални пакети за овие лица, појасни Јовевски.

Тој додаде дека Законот за хонорарци не е нова идеја, туку се работи за решение кое во светски рамки е познато и веќе се применува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП