Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО денеска одбележа 10 години од основањето откако во 2005 година беше формиран по трансформацијата на ЕСМ.
Во изминатиот 10годишен период компанијата вложи 66 милиони евра во надградба на постоечката и во нова енергетска инфрастуктура со цел да се зголеми преносниот капацитет и да се подобри стабилноста и доверливоста на електропреносниот систем.
Изградени се нови 137,5 километри далекуводи, а ревитализирани и реконструирани се 385,3 километри далекуводи. Како најголема поединечна инвестиција во преносната мрежа во источниот дел од државата реализирана во овој период е изградбата на трансформаторската станица Штип, која се наоѓа во непосредна близина на слободната економска зона кај Штип.
Вложени се и 16 милиони евра за модернизација на работните процеси и за управување со електропреносниот систем.
„Од денешна перспектива кога ќе се сумира што се е направено и реализирано резултатите се импозантни. Колективот на МЕПСО работел макотрпно, посветено. Не било лесно оти кога се работи има и непредвидливи и непланирани ситуации. Важно е дека се надминале и од нив се извлекле поуки, се збогатувало знаењето стекнувајќи нови искуства. Бројките покажуваат дека колективот на МЕПСО постигнал многу, имплементирал проекти, градел и модернизирал водови и енергетски објекти, спроведувал реформи, ги модернизирал работните процеси….“, истакна генералниот директор на компанијата Синиша Спасов.
Тој додаде дека најголема потврда за сите успеси е полноправното членство на МЕПСО во Европската асоцијација на преносни системоператори стекнато во декември 2008 година.
„Тоа членство значи дека нашиот глас е рамноправен со сите национални преносни систем оператори од кои најголем број се оператори на системите на државите членки на Европската унија“, рече Спасов.
За следниот период тој најави реконструкција на 110 киловолниот далекувод Скопје Тетово, завршување на градбата на 400 киловолтниот далекувод од Штип до македонскосрпската граница, како и енергетско поврзување со Албанија.
По повод јубилејот компанијата има издадено монографија, а како општествено одговорна денеска додели вредносни ваучери во висина од по 500 илјади денари на Детската клиника во Скопје и Институтот за белодробни заболувања Козле.
„Направивме голем чекор за најмалата популација и давате живот“, рече директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова, заблагодарувајќи се за донацијата.
Благодарност за донацијата изрази и директорот на Институтот Козле, Оливер Зафировски.