26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнуваат вработувањата во фабриката на Маркарт во Велес

Почнуваат вработувањата во фабриката на Маркарт во Велес

markartg5r74h6t7

Со одржување на посебен „Ден за вработување“ во сабота на 4 октомври годинава во Велес, групацијата „Маркарт“ ќе го почне процесот на вработување за новата фабрика во индустриската зона Караслари, чие производство треба да стартува кон средината на следната година.

Првично ќе се отворат 100 работни места, а во следните пет години ќе се вработат над 500 лица.

На „Денот за вработување“ сите заинтересирани ќе можат да се запознаат со „Маркарт“ групацијата и можностите што ги нуди, како и со внатрешната структура и работните места што се на располагање. Воедно ќе се одржат и интервјуа со кандидатите за слободните работни места во производство, логистика и контрола на квалитетет, но и за административните оддели – човечки ресурси, финансии, ИТ и продажба.

Главниот извршен директор на „Маркарт“ групацијата, Харалд Маркарт рече дека потребата од поголем простор и повеќе квалификувани луѓе, како и добрата соработка со централната и локалната власт биле причина што се одлучиле да инвестираат во Македонија.

„Веќе ги вработивме првите четири лица, а планираме фабриката во Велес да ја отвориме на ист начин како и нашите други фабрики и затоа е неопходно да обучиме кадри согласно нашите потреби. Тоа значи дека ќе почнат со содветна обука во Романија или Германија во зависност од работата што ќе треба да ја работат“, рече Маркарт.

Тој посочи дека успешната приказна од фабриките кои ги отвориле на различни локации во светот сакаат да се реплицира и во Велес.

„Бараме луѓе што се посветени на работата и што сакаат да напредуваат во кариерата. Во Романија каде почнавме со работа пред девет години во моментов имаме околу 2.000 вработени, а првично беше планирано да работат само 200 лица. Од нив 350 се инженери, а најголем број од менаџерите се во фабриката од првиот ден“, рече Маркарт.

Генералниот менаџер на Маркарт Македонија, Волфганг Аихер нагласи дека луѓето од  цела Македонија ќе можат да се пријават за работа во фабликата во Велес, бидејќи, како што рече, ќе имаат организиран превоз и менза.

„Изградбата на фабриката треба да заврши кон крајот на март или почетокот на април и очекуваме да почнеме со производство кон средината на идната година. Во моментов се врши бетонирање и поставување на металната конструкција. Во октомври ќе ја поставиме и челичната конструкција и се надевам дека во декември ќе ја затвориме зградата и потоа ќе почнеме да ја опремуваме внатре. Поради лошото врeме малку доцниме со работите, но напорно работиме за  да ги постигнеме роковите и се надевам дека кон крајот на март ќе успееме да ја отвориме фабриката“, рече Аихен.

Прашан дали вработените во Маркарт Македонија ќе земаат плати според европскиот или македонскиот стандард, Аихер рече дека планираат да имаат плати во согласност со стандардот во Македонија.

„Мора да се соочиме со фактот дека не сме тука бидејќи сакаме да даваме европски или германски плати, туку затоа што сме задоволни со платите во земјава. Ќе имаме редовни и законски плати како и другите компании што веќе инвестирале во Македонија“,  рече Аихер.

Министерот за странски инвестиции Веле Самак нагласи дека странска компанија првпат во Македонија ќе спроведе еден вид на саем за регрутирање кандидати за нивната нова фабрика.

Тој посочи дека инвестицијата на Маркарт во Велес ќе изнесува од 35 до 50 милиони евра во наредните пет од 10 година и во првата фаза планирани се околу 600 вработувања.

„Карактеристично е што производството на Маркард се состои од мали до порилично големи делови и имаат различни фази во производниот процес заради што бараат кадри со различни видови на вештини и знаења од електроника, пластика, мехатроника,… За де се произведат висококвалитетните производи на Маркарт потребно е знаење поради што е неопходен тренинг за да го достигнат нивото на квалитет кое е неопходно. Затоа овој тип на саем треба да стане пример за домашни и странски фирми бидејќи е одличен начин самите фирми да го запознаат пазарот на труд и да ги објаснат нивните потреби, но и кандадатите кои бараат работа да видат  како ќе се одвива производството и какви знаења се потребни“, рече Самак.

Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев посочи дека полека но сигурно градот се враќа на мапата на индустриски градови, но сега не со тешка индустрија, туку со индустрија поддржана од сите граѓани.

„Инвестицијата на Маркарт во Велес е првата поголема во последните 24 години и тоа во градот што на времето беше индустриски гигант во поранешна Југославија. По нинвата објава дека ќе градат во Велес за само неколку месеци успеавме да ги продадеме сите парцели во зоната Караслари“, рече Чадиев.

Тој истакна дека наскоро ќе се нудат плацеви за индустриски објекти и во зоната Речани 2 и Мамутчево, лоцирана на патот Велес-Штип на површина од 64 хектари.

„Маркарт“ групацијата  е основана во 1925 година и има фабрики на 13 локации во 10 земји во светот со повеќе од 7.000 вработени. Приозведува автомобилски и делови за домашни електрични апарати како прекинувачи, сензори и контролни апарати.

Нивните производи се вградуваат во возилата на Ауди, БМВ, Крајслер, Мерцедес Бенц, Порше, групацијата ПСА, Рено, Сканија, Волво, Фолксвагген и други. Покрај тоа се вградуваат и во лекетричните апарати на АЕГ, Блек и Декер, Бош, Хилти, Панасоник, Сименс, ТТИ, Ваилант и Вирпул.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП