11 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците лани потрошиле 573 милиони евра на интернет

Македонците лани потрошиле 573 милиони евра на интернет

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ ги анализира објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија за 2023 во согласност со кои Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра, а од тие дури 34 %, односно 195,6 милиони евра ги потрошиле онлајн купувајќи производи и услуги, особено поврзани со патувања и трансакции за авиобилети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2022 година, Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25,3 % повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4,6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. 72 % од вредноста и 80 % од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург, Грција и во Германија.

Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27,5 милиони евра), а во Луксембург направиле најголем број трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија, односно 144,3 евра, а во Луксембург, Македонците направиле најниска просечна трансакција и таа изнесува 11,7 евра.

Најмногу Македонците направиле трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39 % од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Ова е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), а највисокиот оставерн број трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.

„Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25 % наспроти 46 % во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пример, кон Холандија (114 %) и Унгарија (82,4 %), а во 2023 година тој е забавен и изнесува 41,5 % и 21,6 % соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите што сочинуваат 72 % од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81,6 %). Онлајн-купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци, со оглед дека се работи за менување навики и зголемено користење на онлјан-купувањето воопшто. Од друга страна, зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ги зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн-искуство за купувачите“, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.

Во согласност со објавените податоци од НБРСМ, странските иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26,8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од речиси 23 %. Остварената вредност странските онлајн-купувачи ја направиле во 852,3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31,4 евро од трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година, 50 % припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Речиси 4 милиони евра или 18,5 % од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2,6 милиони евра или 9,7 % од Швајцарија и 1,7 милион евра или 6,2 % од Обединетото Кралство. Потоа следуваат германските иматели на картички, кои направиле 5,6 % од онлајн-трансакциите, Турција со 4 % и Ирска и Бугарија со 3 % од вредноста на онлајн-трансакциите.

Понатамошната анализа на бројот и вредноста на направените трансакции од странство кон македонските е-трговци е направена подетаљно за земјите што остваруваат 50 % од вкупно направената вредност. На фотографијата во продолжение прикажани се бројот, вредноста, просечната вредност од трансакција и остварениот пораст во 2023 година во однос на претходната на овие 7 земји и остатокот од светот. Најголем пораст на бројот, како и на вредноста на направените онлајн-трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, а највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП