26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Софија – Автопатот „Тракија“ во должина од 360 километри, кој го поврзува бугарскиот главен град Софија со Бургас на црноморскиот брег, е отворен за сообраќај. Најдолгиот автопат во Бугарија е изграден со финансиска помош на ЕУ. Одлуката за изградба на овој автопат е донесена уште во 1964 година, а изградбата е започната во 1974. Овие денови заврши изградбата на последните 34 километри, а на свеченото отворање присуствуваше и претседателот Росен Плевнелиев. – Се надевам дека до 2020 година ќе имаме изградени седум автопатишта, рече Плевнелиев, додавајќи дека со пуштањето во употреба на последните 34 километаро од автопатот меѓу Зимница и Карнобати, е „остварен 40-годишниот сон“.

Тирана – Државниот долг на Албанија во првите шест месеци од годината достигна 62,4 отсто од бруто домашниот производ на земјата. Експертите ова зголемување на долгот го оценија како мошне вознемирувачко за економијата, имајќи го предвид фактот дека новата Влада, која ќе го преземе управувањето во септември, најави дека ќе спроведе повеќе даночни олеснувања. Албанските економисти нагласуваат дека за решавањето на проблемот со долгот потребно е намаување на буџетските трошоци. Тие предупредуваат дека првичниот буџетски дефицит веќе почнува да се појавува, откако Владата зеде кредит за да исплати плати и пензии.

Атина – Минималната плата на вработените во Грција ќе се определува според нов механизам што ќе стапи во сила од 2017 година, а дотогаш таа останува на утврдениот износ од 586 евра, соопшти грчкиот министер за труд Јанис Вруцис. Новиот механизам за пресметување на минималната плата во Грција ќе се определува од Владата, по консултации со социјалните партнери. Се воведува и законски минимален праг на плати и дневници, под чиј износ, според колективните или индивидуалните договори, нема да се одобруваат награди за вложениот труд.

Атина – Грчката Влада деновиве ќе објави оглас за вработување на две илјади лица во новиот јавен радиодифузен сервис кој ќе го замени ЕРТ, јави дописникот на МИА од Атина. Заменик-министерот за култура Пантелис Капсис,  кој е задолжен за формирање на новиот јавен РТВ сервис, изјави дека Владата веднаш ќе вработи 500 лица. Тој информира дека уште 1.500 ќе бидат ангажирани откако сегашниот персонал ќе го напушти седиштето на ЕРТ, од каде се уште емитува телевизиски програми онлајн во знак на протест поради одлуката на Владата да ја го затврои државниот медиум.

Сараево – По две недели престој во Зеница, кинеската компанија СЕПКО потпиша договор за изградба и набавка на опрема за термоелектрана-топлана. Претставници на СЕПКО, на американската компанија „Џенерал Електрик“, на германската фирма „Стеаг“ и на ревизорската куќа „Делоит енд Туш Пекинг“, во изминатите две недели, направија финансиска, правна и техничка ревизија на „КТГ Зеница“, како и ревизија на проектот за изградба на термоелектраната-топлана, која како што е планирано ќе произведува 390 мегавати електрична енергија и до 170 мегавати топлинска енергија за потребите за греење на Зеница.

Сараево – Босна и Херцеговина е земја со околу 1,5 милиони емигранти, кои претставуваат 38,9 отсто од вкупната популација, а тие големи човечки и финансиски ресурси претставуваат значителен потенцијал за развојот на земјата, кој не е искористен, соопшти швајцарската Амбасада во Сараево по повод потпишувањето на проектот во областа на миграцијата и развојот. Амбасадата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го потпишаа во Сараево договорoт за реализација на проектот во областа на миграцијата и развојот со цел да се зајакнат врските и да се олесни придонесот на дијаспората на БиХ во развојот на земјата во областите на стопанството, науката, образованието и културата.

Загреб – Хрватска го доби првиот кредит од Европската инвестициска банка откако стана полноправна членка на ЕУ. На Хрватската банка за обнова и развој и е даден кредит од 250 милиони евра за финансирање на проекти на мали и средни претпријатија. Соработката меѓу Хрватската банка и ЕИБ почна во 2001 година кога беше потпишан договор во износ од 10 милиони евра. Продолжувањето на соработката беше одбележана со два договори склучени во 2007 и 2008 година, во вкупен износ од 100 милиони евра, а потоа во 2009 година на Хрватска и е одобрен кредит во износ од 250 милиони евра. Успешната соработка меѓу ЕИБ и ХБОР продолжи и со склучување на договор за заем од 250 милиони евра во 2010 година, како и за два кредита во вкупен износ од 250 милиони евра, потпишани во текот на 2012 година. Оваа година во јуни Хрватска веќе доби од ЕИБ еден кредит од 250 милиони евра.

Љубљана – Откако „Агрокор“ на почетокот на јули и ја предаде документацијата на хрватската Агенција за заштита на пазарната конкуренција (АЗТН), вчера достави пријава и до словенечката агенција за пазарна конкурентност, објави љубљанскиот весник „Дело“. „Меркатор“ и „Агрокор“ деловните ангажмани ги склучија кон средина на јуни и од тогаш тече 30-дневниот рок во кој „Агрокор“ мора да достави документација дека нема моноплска позиција на петте пазари на кои работи: во Словенија, Србија, Црна Гора. Хрватска и БиХ. Позицијата на „Агрокор“ се разликува од пазар до пазар. Така, хрватската агенција за заштита на пазарната конкуренција на „Агрокор“ му даде до знаење дека поради големината на пазарниот удел по преземањето на „Меркатор“ мора да продаде или затвори некои свои продавници, посебно во загрепскиот регион.

Анкара – Стапката на невработеност во Турција во април достигна 9,3 отсто, што претставува зголемување на годишно ниво за 0,3 процентни поени, објави Турскиот завод за статистика. Бројот на невработени лица во периодот април 2012-април 2013 година се зголемил за 216.000 и достигнал 2.641.000. Во исто време, бројот на вработени е зголемен на 25.691.000 лица од 24.630.000 лица една година порано.

Берлин – И додека Европската комисија ја прекори Словенија поради зголемениот буџетски дефицит, германската канцеларка Ангела Меркел својата словенечка колешка Аленка Братушек ја поштеди од критики во текот на нејзината прва официјална посета на Берлин. Меркел сепак укажа на проблемот кој Словенија го има со својот банкарски сектор, наведува „Дојче веле“, додавајќи дека германската канцеларка ја предупредила Љубљана дека мора да го среди својот банкарски систем, на кој се темелат стопанските невољи на оваа земја. – Исклучително е важно словенечкиот кредитен институт да ја врати довербата кај меѓународните инвеститори, рече Меркел, додавајќи дека поради тоа словенечките банки мора што поскоро да направат стрес тестови, кои се индикатор за нивната стабилност.

Берлин – Германското биро за статистика соопшти дека извозот и увозот на Германија забележиле остар пад во февруари. Во соопштението се наведува дека месечниот извоз се намалил за 1,5 отсто поради намалената побарувачка, додека увозот бил помал за 3,8 отсто. Трговскиот пад ја намали добивката стекната со раст на увозот од 1,3 отсто во јануари и зголемувањето на увозот за 3,3 проценти. Аналитичарите изразија очекување дека падот на извозот ќе биде помал и дека ќе изнесува 0,3 отсто, а дека падот на увозот ќе биде 0,1 отсто.

Токио – Јапонската Влада формира специјална комисија која има задача да ги пронајде сопствениците на повеќе од 400 острови во територијалните води на оваа земја и да ги национализира оние кои немаат сопственик. Медиумите објавија дека во комисијата ќе бидат вклучени претставници од јапонските министерства за правда и за финансии, како и на крајбрежната служба за безбедност на Јапонија. Целта на проектот е да се пронајдат постоечките сопственици или да се национализираат оние кои се без сопственик и потоа да добијат нови имиња.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП