27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЕкранизирани автентични настани и биографии во фокусот на „Берлинале“ – мајсторски „оживеани“...

Екранизирани автентични настани и биографии во фокусот на „Берлинале“ – мајсторски „оживеани“ Роми Шнајдер, Џон Калахан

Берлинската улица „Постдамер“ и објектите „Берлинпалас“, хотелот „Хајат“ и кино-салите во „Синемакс“ и „Синестар“ уште неполни четири дена ќе бидат во објективот на најважните филмски збиднувања во Европа и во светот. Иако без нагласена еуфорија, се чувствува кулминацијата на исчекувањето на добитниците на наградите, а уште три ноќи црвениот тепих на „Постдамер“ е отворен за фановите и филмските ѕвезди што ќе ја поздрават публиката.

Околните објекти и натаму се места за средби на филмските професионалци и можност за афирмација на некои кинематографии кои се домаќини на овие двочасовни коктели. Сè на сè, големата традиција на Берлинскиот филмски фестивал, кој годинава го бележи 68. издание, не остава простор за грешки, па така високопрофесионалната организација наметнува чувство дека сè се одвива со една голема леснотија.

Почитта кон новинарите, кои ги има близу 2000 од целиот свет, е на прво место, така што според пропишаните протоколи, овозможена им е беспрекорна работа и хостирање во секоја смисла. Токму силата на седмиот печат на редовните прес-конференции од филмаџиите бара искрени и соодветни одговори на прашањата врзани за нивното дело, но и не ги поштедува од коментари доколку добие арогантен или воопшто не добие одговор.

А токму тука, во Берлин, гламурот не се манифестира како недостижна категорија со која кокетираат ѕездите, туку во духот и либералноста на самиот концепт на „Берлинале“, ѕвездите се доближуваат до публиката преку медиумите. Сепак, сврталишта места за работен ручек и забава на филмските ѕвезди се резервирани престижните кафе „Париз“ и ресторанот „Борхес“.

За фаворити и потенцијални добитници е секако рано да се зборува, но вчерашната проекција на новиот филм на Гас Ван Сант, Don’t Worry, He Wont Get Far on Foot со Жоакин Феникс и Марк Вебер, ги собра сите атрибути на критиката – од речиси беспрекорно сценарио до одлични режисерски решенија. Драмата за авторот на анимиран цртеж и мајстор на духовитиот стрип Џон Калахан, човек кој наспроти својот хендикеп (на 21 година е сосема парализиран) успева да ја најде радоста на животот, е целовито филмско остварување, кое можеби во силната конкуренција на доминантните англосаксонски копродукции, но и изненадувањата што стигнуваат од азиските кинематографии се наметна високо пред очите на критиката.

На прашањата упатени до Ван Сант за филмот, тој не беше многу расположен да образложува, што стана предмет на забелешка од страна на новинарите. Актерот Жоакин Феникс, кој е на висина на задачата во карактерот на Калахан, пак, зборуваше за искуството и сложената постапка и посветеноста за да се извади оваа улога.

Работен во манирот на апсурдите на Тарантино, од Фарси стигнува филмот на Мани Хагиги, со наслов „Свиња“, што е вистинско освежување кога станува збор за филмови од овој дел од светот. Шармантна главна улога и сценарио за црна комедија, со естетика што ја нагласува традицијата на иранската иконографија, ѕвездите од овој филм беа дочекани со овации на дефилето од црвениот тепих.

Голем интерес предизвика и биграфскиот филм „3 дена во Квиберон“ ( 3 days in Quiberon) за драматичниот живот на легендарната актерка Роми Шнајдер. На режијата се потпишува Германката Емили Атеф, чија кариера во филмот е посветена токму на итражувањата на личните драми врзани за жените. Иако, филмот поради неговата преекстензивност во должината и повторувањето на кадрите губи од суштинската филмска наметливост, сепак неверојатната сличност на актерката која ја игра Роми Шнајдер и посветеноста на ликот остави голем впечаток.

Филмот уште повеќе добива поени поради неговата актуленост во мигот кога и овој фестивал поттикнат од холивудските колеги ја поддржува кампањата за борба против предаторите во филмската индустрија. А токму Шнајдер и нејзината бурна биографија, која според едни ја позиционира во слаба личност која ќе подлегне пред славата и личните трагедии, но според други, пак, таа е силна личност која до последно се бори за да опстане во суровата филмска индустрија. Во интервјуто за „Холивуд репортер“ Атеф вели дека Шнајдер сигурно би била „една од оние кои би ги поддржале жените во борбата да не бидат жртви на сексуално вознемирување, иако таа самата ретко кога се разбудила без некого покрај себе“.

Уште еден филм базиран на веродостоен трагичен настан од 1976 година, кога е киднапиран авионот на релација Париз-Тел Авив. Стотина заложници ќе завршат во Уганда за време на диктатирата на Иди Амин. 7 Days in Entebbe на Жозе Падила е англиско-германска копродукција која во манирот на овој режисер го користи овој настан за да го осветли апсурдот на насилството, стравот и деструкцијата. Одличен дизајн и работа на директорот на фотографија, моќни естетски решенија, оваа акциона драма со право го нашла местото во компетитовната програма на Берлин.

За време на одржувањето на фестивалот Берлинскиот копродукцискиот маркет, кој е дел од Европскиот филмски маркет, успеал да оствари 1300 средби, а „Еуроимаж“ додели три главни награди за поддршка на проекти за идната година.

Можност за презентација на глобалниот филмски маркет добија и македонските проекти „Жртва“ во режија на Марија Џиџева, „Сведок“ во режија на Митко Панов и „Враќање“ во режија на Катсриот Абдили.

Петчленото интернационалното жири предводено од германскиот режисер Том Тиквер, веројатн,о веќе ги издвојува потенцијалните добитници, но секако неизвесноста останува до самиот крај и завршната церемонија на затворањето на 68.издание на Берлинскиот филмски фестивал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП