27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен романот „Исушено блато“ од хрватскиот авангардист Јанко Полиќ Камов

Објавен романот „Исушено блато“ од хрватскиот авангардист Јанко Полиќ Камов

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Исушено блато“ на најконтроверзниот хрватски писател и предвесник на хрватската авангарда – Јанко Полиќ Камов, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

Јанко Полиќ Камов е декадент, егоцентрик, чудна и контроверзна личност, апокалиптичен поет, прв хрватски поет на асфалтот. Тој е најнеобичната фигура во новата хрватска литература, авангардист пред да настапи хрватската книжевна авангарда, неприфатен и несфатен во своето време, но и забрануван. Ја оспорува традицијата, ги отвора табуата, внесува иновации во литературата. Во неговите дела има сатира, сарказам, еротизам, револт против канонскиот морал; пишува жестоко, радикално, директно и искрено. Живее слободоумно и разуздано, а неговото творештво се потпира на автобиографските елементи и на неговиот немирен дух. Допира многу табуа за сексот, развратот, пороците, болестите, лудилото, смртта.

Најпознато дело му е романот „Исушено блато“ – своевиден интимен дневник на авторот. Слободен е во исказот и отворено и со иронија пишува за сè што го опкружува главниот лик, од општествените состојби до алкохолизмот, садизмот и инцестот. Имал голема слобода во животот, но и во пишувањето.
Романот е поделен на три дела – „На дното“, „Во широчина“ и „Во височина“, ги следи интимното и хрониката во раскажувањето, што претставува збир на клучните карактеристики во неговата новелистика: авангардистички пресврт во поглед на традицијата, т.е. наследените композициско-организациски начела на дотогашната проза, грчевита смена на интроспективните одломки и егзистенцијалистичките, моралистичките дискусии, парадокси и апсурди.

Романот ги проблематизира егзистенцијалното, онтолошкото и историското искуство на битието и неговите „распрскани“ кореспонденции во светот кој сè повеќе се отуѓува.

„Исушено блато“ е пример за дело од раната фаза на авангардата кога сè било насочено кон новите методи во книжевноста, со чија помош писателите сакале ја ги заинтересираат читателите. Во ова дело се присутни елементи на авангардата, модернизмот и поетиката. Камов сакал да им се спротивстави на тогашните доминантни форми на книжевните дела, па неколкупати се послужува со негирање и шок, што потоа со децении ќе претставува една од најважните насоки во литературата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП