26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

 

najnovi-vesti1

Вашингтон – Србија се соочува со големи економски предизвици, вклучувајќи го слабото стопанство и голема внатрешна и надворешна нерамнотежа, се наведува во прелиминарниот извештај на мисијата на ММФ. Фондот наведува дека во Србија неопходно е да се обезбеди макроекономска стабилност и да се покрене одржлива фискална консолидација, пред се со ограничување на јавната потрошувачка за да почне да се намалува јавниот долг.

Белград – Поранешниот градоначалник на Њујорк Рудолф Џулијани за два месеца ќе дојде во Белград за договор за носење на инвеститор кој би го купил Телеком Србија, пишува Курир. Србија веќе имаше понуда за 1,2 милијарда евра, додека Џулијани може да доведе инвеститор кој би понудил дури 2 милијарди евра, наведе весникот. Парите од продажбата на Телеком мора да завршат во инвестиции, не смее да се потрошат, цитира Курир неименуван соговорник од врвот на власта.

Сараево – Претседателот на Претседателството на БиХ Небојша Радмановиќ истакна дека реализацијата на Трансјадранскиот гасовод и проектот Јадранско-јонски гасовод не е во колизија со Јужен тек, пренесе Срна. – Воопшто не е во колизија со Јужен тек и не му пречи воопшто – рече Радмановиќ во текот на посетата на општината Источно Ново Сараево. Тој потсети дека Претседателството на БиХ донесе одлука за прифаќање на Меморандумот за разбирање на БиХ, Црна Гора, Хрватска, Грција  и Албанија во врска со поддршката и соработката во рамки на реализација на проектот Трансјадрански гасовод и проектот Јонско-јадрански гасовод.

Торино – Италијанската компанија Фијат Индустриал ги отфрли како апсолутно неточни извештаите дека Италија ќе изгуби 500 милиони евра ако фирмата даночната база ја премести во Британија, откако ќе биде завршено спојувањето со нејзината американска филијала ЦНХ. Компанијата, која произведува камиони, земјоделска механизација и градежна опрема, во соопштението наведе дека чека одговор од власта во Британија и Холандија, каде новата компанија ќе има правно седиште.

Виена – Австриската Фолксбанкен АГ почна официјален процес за продажба на своето меѓународно лизинг работење. Оваа дејност на банката, која од април 2012 година делумно е во државна сопственост, најдоцна до крајот на 2014 година мора да се продаде, пренесе АП додавајќи дека тоа е еден услов на ЕУ за државна помош. Фолксбанка лизинг интернационал е во сопственост на Австриската Фолксбанкен и германската ДЗ банка, конкретно нивна сестра фирма ВР Лизинг.

Пекинг – Кинескиот производител на компјутери Леново соопшти дека нето профитот во оваа фискална година пораснал за 34 отсто, наспроти слабостите на пазарот на персонални компјутери. Компанијата наведе дека нето профитот во 12 месеци заклучно со март пораснал на 635,15 милиони долари, во однос на 472,88 милиони од деловната 2011-12 година. Приходите истовремено се зголемени за 14, 5 отсто на 33,87 милијарди долари.

Пекинг – Активноста на кинескиот преработувачки сектор е намалена во мај за прв пат во последните седум месеци, што е уште еден знак на бавно зајакнување на оваа втора светска економија, наведе британската банка ХСБЦ. Според прелиминарните податоци, индексот на менаџери за набавка ПМИ, кој го пресметува ХСБЦ падна овој месец на 49,6 од 50,4 поени од април, при што секој резултат над 50 поени укажува на раст, а под 50 поени на пад на секторската активност. Мајскиот ПМИ е најнизок од октомври лани, кога изнесувал 49,5 поени. Индексот ја следи преработувачката активност и е показател на здравјето на економијата.

Даблин – За Ирска е многу важно да биде отворена за работење, изјави ирскиот премиер Енди Кени, во момент кога официјален Даблин е соочен со забелешки од САД поради даночниот спор во кој е замешана технолошката компанија Епл. – Мораме да бидеме препознаени како влада која е многу отворена за работење – рече Кени за новинарите во текот на работната посета на Грција. – Во Ирска се сместени илјада мултинационални компании, така извозот веќе со години бележи двоцифрен раст. Нашата намера беше да создадеме опкружување каде фирмите навистина ќе можат нормално да работат – изјави Кени.

Берлин – Слабата странска побарувачка за германски производи, според оценката на локалните фирми, претставува најголема економска опасност за следната година, покажува објавеното истражување спроведено на над 24.000 компании во најголемата европска економија. 41 отсто од испитаните компании во анкетата која ја организираше германската Трговско-индустриска комора ДИХК, навеле дека најмногу се загрижени поради извозната побарувачка, 30 отсто од компаниите очекуваат раст на нивната продажба во странство, а 13 отсто испитаници очекуваат пад на извозот.

Париз, Будимпешта – Надворешнотрговскиот суфицит на Унгарија, во март 2013 изнесувал 753 милиони евра, во споредба со 589 милиони пред една година, објави унгарскиот Централен завод за статистика. Како што пренесе француската агенција Ибифранс, вредноста на извозот е намалена за 2,8 отсто на годишно ниво, на 6,87 милијарди евра, додека вредноста на увозот паднала за 5,6 отсто, на 6,11 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП