27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПо 40 години, музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ доби нова концертна сала и...

По 40 години, музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ доби нова концертна сала и пијано

По 40 години постоење, откако училиштето се наоѓа во зградата изградена во 1978 година, учениците во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”-Скопје добија своја концертна сала.

Капацитетот на салата е 90 места, а освен за концерти, таа е опремена со студиска опрема каде ќе може професионално да се снимаат студиски снимки. Покрај салата, учениците добија и комплетно реновиран концертен клавир „Петроф“. За таа цел, клавирот беше испратен во фабрика во Чешка, каде што беше направено реновирањето.

„Горд сум што успеавме да ја реализираме идејата училиштето да има своја концертна сала. Нашите концерти во изминатиот период ги одржувавме најчесто во некоја од концертните сали на Факултетот за музичка уметност, Даут Пашин Амам или во Културно-информативниот центар Салон 19,19. Сега имаме преубава сала во која учениците ќе можат да го покажат наученото, а публиката да ужива во нивното музицирање. Освен тоа, многу сум радосен што успеавме да го реновираме концертниот клавир кој беше во многу лоша состојба. Сега нашите ученици имаат можност да свират на клавир каков што нема ниту една институција во Македонија“, изјави директорот Јован Бицевски.

„Звучи како ново. Механиката е прекрасна, звукот, бојата, допирот. Дефинитивно би свирел на него уште многу захтевни програми. Многу сум среќен што ДМБУЦ може повторно да привлече многу пијанисти од Европа и светот кај нас со овој потег, а со тоа да се остварат бројни соработки“, изјави пијанистот Дино Имери.

Отворањето на салата ќе се одржи утре, 18 октомври, на патронатот на училиштето. Пред многубројната публика, меѓу кои секогаш е присутно и семејството на Илија Николовски-Луј, ќе настапат некогашни и сегашни ученици: Олег Кондратенко, Горан Муратовски, Блерим Груби, Паскал Краповски, Весна Ангелова, Арда Мустафаоглу, Александар Иванов, Дино Имери, Инес Неделковска, Ана Дурловски, Зорица Каракутовска и Филип Стемевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП