26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА21,5 отсто од населението во Македонија живее во сиромаштија (видео)

21,5 отсто од населението во Македонија живее во сиромаштија (видео)

Во Република Македонија 21,5 отсто од населението живее во сиромаштија. Во нашата земја, за жал, не се сиромашни само оние коишто немаат работа туку и голем број вработени.

Токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи, со кои на луѓето директно им се помага да се искачат над линијата на сиромаштија, односно минималното ниво на приход кој е потребен за да се обезбедат животните потреби, вели министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по повод Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.

Министерката вели дека борбата против сиромаштијата е најголем предизвик.

„За позначајни резултати на ова поле е потребно време. Но, кога постои политичка волја, некои работи може да се менуваат веднаш – како што е кратењето на непродуктивни и неразумни трошоци за да останат повеќе пари за граѓаните, за заедницата. Екстремните форми на сиромаштија мора да се искоренат. Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над глава. Македонија е со устав дефинирана како социјална држава, но во реалноста системот често затајува. Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодени од сиромаштијата. И тоа не само преку парична помош туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација“, вели Царовска.

За да успее оваа борба, додава таа, на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и напредуваат дома за да запре нивното иселување.

Според неа, треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, што е клучно за севкупниот развој. Исто како, додава Царовска, важно е образованието да биде квалитетно и достапно.

Царовска вели дека цел на МТСП е на среден рок е да ја намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП