19 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Димитар Богов - гувернер на Народната банка на Република Македонија

Интервју со Димитар Богов – гувернер на Народната банка на Република Македонија

Денар: Како ја оценувате макроекономската состојба во Македонија?

Макроекономската состојба во Македонија во првата половина на 2017-та година во голема мера беше под влијание на политичката нестабилност во земјата. Во април направивме надолна ревизија на прогнозата за раст од 3,5% до 2,5% за 2017-та година, но според фактичките податоци за првата половина од годината, се чини дека пролонгираната политичка криза добивала сè поголемо влијание. Во првиот квартал од 2017-та година имаше стагнација, а во вториот квартал реалниот годишен пад на Бруто домашниот производ изнесуваше 1,8%. Од оваа гледна точка, би било реално да се очекува економско закрепнување во втората половина од годината, имајќи ги предвид првите преземени чекори кон стабилизирање на политичката ситуација, како и подобрените пазарни очекувања. Сè уште е во тек подготовката на редовниот круг прогнози за октомври, но грубо кажано, се надеваме дека економското закрепнување што се очекува во втората половина од годината, да го неутрализира регистрираниот пад во првата половина, со што би можеле да сметаме на малку позитивен раст за целокупната година, кој сепак би бил помал од минатогодишниот годишен раст од 2,4% (кога политичката криза беше исто така актуелна). Во однос на расходните компоненти на БДП, се бележи забавување главно во инвестицискиот сектор, што влијае врз довербата кај инвеститорите и врз одреден застој во проектите за јавна инфраструктура, со оглед на целокупниот политички пресврт. Гледајќи на позитивната страна, извозот останува да биде главна движечка сила на македонската економија, имајќи го предвид позитивното влијание на новите компании со странски капитал, што укажува на потенцијалот за економски раст. Освен тоа, приватната потрошувачка и натаму останува отпорна на домашната политичка средина, во услови на позитивен развој на пазарот на труд, приватните трансферни приливи и кредитирањето на домаќинствата од страна на банките.

Денар: Каков економски раст очекувате за оваа и за 2018 година, и колкав раст е потребен на земјава за да се обезбеди реален економски развој?

Според нашата последна априлска прогноза, очекуваме економски раст од 3,2% за 2018-та година. Бидејќи тековната прогноза сè уште не е завршена, тешко е да се каже колку ќе се промени оваа бројка. Како и да е, очекувањата за забрзување на растот следната година, до нивоата кои ги имавме пред политичката нестабилност е сосема извесно со оглед на подобрувањата, како во домашното така и во надворешното опкружување. Како и да е, минататата и тековната година забележаа помал раст поради политичката криза, што пак ќе влијае врз брзината на реалната конвергенција кон ЕУ. Потребни се повисоки стапки на раст (4-5% годишно) за одржливо и побрзо фаќање чекор со развиените економии. Имајќи ги предвид структурните промени на економијата во последните години кон производството и извозот на производи со повисока додадена вредност, поволната деловна клима и макроекономската стабилност, како и политичката стабилизација, повисоките стапки на раст во иднина би биле навистина достижни.

Денар: Каков е ликвидниот потенцијал на банките, дали очекувате зголемување на кредитната активност кон бизнис секторот со цел за придвижување на економијата?

Банкарскиот систем во Македонија е цврст и стабилен, со солиден потенцијал за ликвидност. Вреди да се напомене дека сите овие години за време на глобалната криза, банките го поддржуваа приватниот сектор со умерен кредитен раст. За време на политичката криза во последните две години, поради неизвесноста, се забележа забавување во кредитирањето на деловниот сектор. Истовремено, според анкетите што ги спроведовме, забележавме пониска побарувачка на кредити од страна на компаниите, што е во согласност со намалената доверба кај инвеститорите. Се очекува стабилизирањето на очекувањата на економските субјекти да доведе кон поголема алокација на кредити за деловниот сектор, што во текот на оваа година беше главно ориентирана кон секторот „домаќинство“.

Денар: Дали да очекуваме континуиран раст на каматните стапки во иднина?

Глобалното економско закрепнување ги поддржува очекувањата за повисоки каматни стапки кај напредните економии во иднина. Главната каматна стапка на благајничките записи во Македонија не е секогаш во согласност со онаа на евро-зоната, како сидро-економија, со оглед на тоа дека интеграцијата на македонската економија по меѓународните текови на капитал е мошне ограничена. Главната цел на монетарната политика во нашата економија е ценовната стабилност, која се остварува преку одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото. Со оглед на притисоците на девизниот пазар и падот на депозитите кај домаќинствата, поради политичката неизвесност и шпекулациите, минатата година во мај, ја зголемивме каматната стапка на благајничките записи од 3,25% на 4%, а по стабилизирањето на ситуацијата во февруари 2017-та година, постепено ја доведовме до нивото пред кризата. Оттогаш, истата стои непроменета на 3,25%, што историски е најниското ниво. Вообичаено ја оценуваме позицијата на монетарната политика на редовна месечна основа и засега сметаме дека е во согласност со генералните економски движења. Каматните стапки на банките за време на кризниот период го следеа падот на каматните стапки на благајничките записи до ореден степен, иако во последниве години, падот на каматните стапки за депозитите беше поостар од оној за активните каматни стапки, резултирајќи во поширока маргина.

Денар: Дали НБРМ останува на политиката на стабилен курс на денарот кој е врзан за евро валутата и дали има можност за девалвација на денарот со оглед на фактот дека во периоди има голема побарувачка на девизи? Какви мерки ќе преземе НБРМ во случај на континуирана побарувачка на девизи на подолг временски рок?

Ја спроведуваме стратегијата за таргетирање на девизниот курс повеќе од две децении и досега се покажа како ефикасна во постигнување на целта за ценовна стабилност. Македонија има стабилна инфлација, околу 2% во просек. Во овој период, повремено се соочувавме со притисоци на девизниот пазар, главно поврзани со шокови од различна природа – надворешно или внатрешно индуцирани. Во сите овие случаи, главно краткотрајни, ја сочувавме стабилноста на девизниот курс преку употреба на сите расположливи средства и тој остана непроменет во последните дваесет години. Следствено, тоа ја потврдува заложбата за одржување на стабилен девизен курс, со што се зајакнува нашиот кредибилитет. Важно да се забележи е дека од историска гледна точка, присуството на НБРМ на девизниот пазар во последните години е помало отколку во минатото. Имајќи ги предвид придобивките, соодветноста и стекнатиот кредибилитет, продолжуваме со спроведување на истата стратегија.

Денар: Се повеќе се актуелизира прашањето за технологијата на криптографски синџир од блокови (англ. blockchain technology) и криптовалутите. Голем дел од светските банки се подготвуваат за криптовалутите. Швајцарската централна банка прифаќа плаќање данок во биткоини. Аналитичарите тврдат дека криптовалутите се неизбежен дел од дигиталната економија. Кое е Вашето мислење за оваа технологија и дали НБРМ и банките во Македонија се подготвени за овој предизвик?

Најпрвин мора да се разграничи значењето на термините технологија на криптографски синџир од блокови и криптовалута. Технологијата на криптографски синџир од блокови е систем кој ветува многу и водечките банки во светот веќе бараат начини за негова сè поголема примена. Во блиска иднина, истата би можела да постане индустриски стандард во областа на плаќањата. Криптовалутите се базираат врз употребата на ваквата технологија. Повеќето од нив се користат како средства за заштеда, а многу ретко како средства за размена т.е. за плаќање на добра и услуги. Според тоа, криптовалутите постојат главно за шпекулативни намени. Тие само спорадично се користат како сметковни единици, при заедничко финансирање (англ. crowdfunding) на стартапи или пак на веб-страници за коцкање. Покрај тоа, валутата мора да биде стабилна за да претставува добро средство за заштеда. Криптовалутите се далеку од стабилни. Со оглед на тоа што нивните цени постојано варираат, тие се високоризична категорија на средства. Не е исклучена можноста дигиталните валути во блиска иднина да се издаваат од централните банки. Како и да е, моменталната „епидемија“ од емисии криптовалути не е ништо освен еден вид „Понзи-шема“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП