26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЈаневски: Да одиграме квалитетен натпревар

Јаневски: Да одиграме квалитетен натпревар

Вардаровиот шеф на стручниот штаб Чедомир Јаневски, на вечерашната прес конференција, ги кажа очекувањата од утрешниот натпревар со Зенит. Јаневски истакна дека се направени сите анализи кон противникот, и се надева дека тимот ќе се претстави во светло издание.

„Ова е значаен натпревар, не само за Вардар, туку и за македонскиот фудбал. Затоа ние овие денови се подготвуваме да направиме добар резултат. На првиот натпревар играме со Зенит, тим за кој што после добивањето на групите, знаеме дека е фаворит. Се работи за добар колектив со добри индивидуални играчи кои имаат во своите редови многу домашни и интернационални играчи, пред се од Аргентина. Ги направивме сите анализи на последните два натпревари. Ние во една работна и одлична атмосфера се подготвуваме да се претставиме во добро светло пред многубројната публика и пред нашите навивачи „Комити“ кои што ќе дојдат во голем број. Да одигаме еден добар, квалитетен натпревар и по крајот на средбата сите задоволни да го напуштиме стадионот“, изјави Јаневски.

Шефот на стручниот штаб на Вардар на прес-конференцијата истакна дека поради повреда нема да настапи украинскиот стопер Евгениј Новак.

„До вчера ги имавме сите фудбалери на располагање. Вчера имавме мал хендикеп што се вели. Евгениј Новак не беше доволно залечен, затоа ги пропушти последните два натпревари, и заедно со медицинскиот тим одлучивме дека нема да настапи на натпреварот. Останатите сите кои се пријавени ќе бидат на списокот“, вели шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.

Јаневски истакна дека нема да ги залажува формата на Зенит кој на последните два натпревари, нема постигнато гол.

„Зенит е добар тим, со многу индивидуални играчи. Вистина е дека на последните два меча не постигнаа гол, но тоа нас нема да не залаже. Сепак, нивните поединци можат да се разбудат што се вели на секој натпревар. Мораме да бидеме претпазливи од првата до 90-та минута. Нема да не залажат нивните два нерешени натпревари без голови, туку ние да ја играме нашата игра, и се надевам дека ќе ни донесе успешен резултат“, рече Јаневски.

Натпреварот од првото коло во Лига Европа, Вардар-Зенит, на арената „Филип Втори“ ќе започне во 21:05 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП