27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан договор за признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и БиХ

Потпишан договор за признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и БиХ

Во име на Владата на Република Македонија договорот го потпиша министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата, Оливер Спасовски, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина договорот го потпиша министерот за комуникации и транспорт, Исмир Јуско.

Министерот Спасовски по потпишувањето на договорот рече дека овој чин е од особено значење за граѓаните од двете земји.

„Надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територијата на едната или другата држава. Воедно, граѓаните што имаат регулирано престој согласно со националното законодавство на двете држави можат без да имаат потреба од полагање теоретски и практичен испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура која ќе им го овозможи ова право“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека договорот со Босна и Херцеговина е дел од проектот на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за реципрочно признавање и замена на возачки дозволи, кој МВР го има започнато со голем број држави во светот.

Имено, Република Македонија има потпишано вакви билатерални договори и со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Србија, при што на носителите на македонска возачка дозвола кои престојуваат во овие држави не им е потребна меѓународна возачка дозвола, а на оние што го имаат регулирано нивниот престој, може да им се изврши замена на возачката дозвола.

„Во тек е процедурата за потпишување Договор за признавање и замена на возачки дозволи и со Република Косово, Република Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Сојузна Република Германија, кои претставуваат приоритет за Министерството за внатрешни работи, со оглед на фактот дека голем број македонски државјани живеат и работат во тие држави“, рече министерот Спасовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП