26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар е шампион на Европа!

Вардар е шампион на Европа!

Ракометарите на Вардар ја освоија титулата во Лигата на шампионите, откако во драматичното финале го совладаа ПСЖ 24:23 (11:12). Слично како и во полуфиналето, Вардар славеше со гол во последната секунда, кој го постигна Иван Чупиќ, кој ја одбрани титулата, бидејќи лани беше најдобар со Кјелце.

Комбинираната одбрана на Вардар (5-1, 6-0), предводена од Арпад Штербик, на ПСЖ, тимот кој има неограничен напаѓачки потенцијал, во првите 25 минути му дозволи да постигне шест гола.

Вардар подобро влезе во натпреварот и по почетниот резултат 2:2, македонскиот првак успеа да создаде предност од три гола (5:2 во 12.минута).

По тајм аутот кј го побара тренерот на ПСЖ, Сердарушиќ, францускиот шампион постигна два гола, но Вардар во 20.минута ја врати предноста од три гола (7:4).

„Црвено-црните“ во 25.минута водеа 8:6, кога ПСЖ со влегувањето на Нарсис максимално ја забрза играта во нападот, во 28.минута беше 10:10, а на 45 секунди до крајот на полувремето Степанчиќ од контранапад погоди за прво водство на ПСЖ 11:12, по почените 0:1 и 1:2.

Блескаат голманите во првиот дел Штербик на голот на Вардар има шест, а Омејер на спортивната страна седум интервенции.

Малиот пад во играта во финишот на првиот дел, не се одрази врз вардаровата игра. Циндриќ погоди за 13:13 во 35.минута, потоа ПСЖ се обиде во нападот да игра со седуммина, без голман.

Таквата формација продуцираше неколку технички грешки на играчите на францускиот тим, Вардар најпрвин се „одлепи“ на два разлика (15:13), а по двата гола, постигнати на празен гол (Абутовиќ и Шишкарев) „црвено-црните“ ја вратија разликата од три гола во 43.минута (20:17).

Следуваше период на неефикасна игра на Вардар, што ПСЖ го искористи, благодарение на двете одбрани на Омејер, Французите израмнија во 52.минута на 21:21.

Минута подоцна Дибиров од контра постигна гол за 22:21, ПСЖ не реализира два напади, а Борозан од девет метри постигна гол за 23:21 во 56.минута.

Драмата кулминираше во последните 150 секунди, Омејер го одбрани ударот на Борозан, а во наредниот напад Ремили намали на 23:22.

Циндриќ на 67 секунди до крајот изнуди исклучување на Никола Карабатиќ, а на влезот во последната минута Омејер го одбрани ударот на Дибиров.

ПСЖ последниот напад го играше преку Карабатиќ и Нарсис кој од девет метри на осум секунди до крајот израмни на 23:23.

А последниот напад на Вардар го реализира Иван Чупиќ за 24:23, за најголемиот успех во историјата на македонскиот машки ракомет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП