27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен романот „Александар Македонски. Наследникот на власта“ од Нелја Гулчук

Објавен романот „Александар Македонски. Наследникот на власта“ од Нелја Гулчук

naslednikot3

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот „Александар Македонски. Наследникот на власта“ од руската писателка Нелја Гулчук, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.

Овој роман на Нелја Гулчук е втор роман од нејзината трилогија романи за Александар Македонски. Првиот – „Тајната на Александар Македонски“ е веќе преведен и објавен на македонски јазик, исто така во издание на „Македоника литера“ (2014).

Во овој роман авторката ја раскажува приказната за Александар и за неговото царство преку призмата на еден од неговите најблиски пријатели, војсководецот Селевк, кој подоцна бил основач и управител на истоимената царска династија на Блискиот и Средниот Исток. Всушност, таа раскажува за периодот на последните години на владеење на големиот македонски владетел и на поделбата на големото македонско царство на неколку помали царства. По смртта на Александар Македонски во империјата почнала борбата за престолонаследник, во која главни соперници станале дотогашните соборци и пријатели на војсководецот Александар – Пердика, Антипатар, Лизи¬мах, Антигон, Птоломеј, Селевк и др.

Гулчук раскажува подробно за текот на сложените и тајни перипетии на учесниците во судирите – довчерашните другари и соборци. Во сето тоа има и многу интриги и борбени и љубовни страсти – кои се покажале како главен инструмент во политиката… Всушност, Гулчук раскажува за еден период од историјата на античка Македонија, како нејзин добар познавач.

Сите три романи на Гулчук се обемни дела и се резултат на повеќегодишни и темелни истражувања на авторката на животот и на походите на Александар Македонски и на историјата на античка Македонија. За најголемиот војсководец на сите времиња во светот се напишани многу историографски и повеќе белетризи¬ра¬ни дела, но податокот дека руската писателка Нелја Гулчук му посветила дури три обемни романа, сам по себе говори за нејзината голема посветеност во истражувањата и реконструирањето на животниот пат на творецот на моќната македонска империја – најголемата во историјата на човештвото, но и на историјата на самата македонска империја. Гулчук раскажува суптилно и непристрасно, а корис¬теј¬ќи прилично богата фактографија создала извонредни белетризирани приказни за широк круг читатели.

Нелја Алексеевна Гулчук (1941-2012) е руска писателка, филмски режисер и сценарист. Во 1972 година завршила факултет за филмска режија. Автор е на повеќе сценарија и режисер на повеќе музички, долгомет¬раж¬ни, играни и стереоскопски филмови. Добитник е на неколку меѓународни награди. Била член на Сојузот на кинема¬тогра¬фи¬те на Русија.
Гулчук е и афирмирана руска писателка. Автор е на неколку историски романи, од кои посебно се издвојува трилогијата посветена на Александар Македонски со заеднички наслов „Александар Македонски. Цар над царевите“: „Тајната на Александар Македонски“, „Александар Македонски. Наследникот на власта“ и „Спасителот Птоломеј“, како и „Кру¬на од трње, Катерина де Медичи“, „Кралот на Сонцето“ и „Бисе¬рот на Валоа“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП